| четврток, 6 декември 2018 |

Русија ја планира Македонија на главната траса на „Турски тек“

тек

Гасоводот „Турски тек“ би можел од Русија преку Црно Море, Турција, Грција, Македонија и Србија да дојде до Унгарија, а можеби и до Австрија, најави рускиот претседател Владимир Путин при неодамнешната посета на Унгарија и средбите со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Одлуката, главно, ќе зависи од нашите европски партнери дали сакаат стабилно, загарантирано и апсолутно транспаренто снабдување со енергенси од Русија и тоа без ризици при танспортот – порача Путин.

Тој нагласи дека доколку тоа го сакаат Европејците, изградбата на гасоводот може да почне.

Директорот на Институтот за политички капитал од Будимпешта, Петер Креко за српски „Блиц“ вели дека понудата на Путин за изградба на „Турскиот тек“ дошла како гром од ведро небо.

– Предлогот на Путин делумно е реален, но е тешко да се предвиди дали е остварлив. Тој дојде од нигде никаде како изненадување за Унгарија и за Европската комисија – нагласи Креко.

 Во игра за снабдување на Европа со гас е и Азарбејџан кој нуди гас од Касписко Море.

Русија неодамна поради големиот број законски и регулаторни обврски што ги наметнуваше Европската унија се откажа од изградбата на гасоводот „Јужен тек“ што требаше да поминува преку Црно Море, Бугарија, Србија и Унгарија и да стигнува до големиот центар за складирање на природен гас Баумгартен во Австрија.

Планот за „Јужен тек“ не предвидуваше Македонија да биде на главната траса на гасоводот, туку само еден крак од Србија или Бугарија да доаѓа до земјава за задоволување на нејзините потреби. Сега се отвора можност Македонија да биде на главната траса на новиот гасовод и да добива значителни средства од транспортот на гас низ нејзината територија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top