| четврток, 6 декември 2018 |

Средба во Ректоратот на УКИМ за Законот за високото образование

ukim-
Во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ попладне од 16 часот ќе се одржи прва средба на работната група со претставници од Владата, УКИМ, пленумите на професорите и студентите за да дискутираат за подобрување на Законот за високото образование.
Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски рече дека е потврдено присуството на делегации од сите страни – од Владата и Министерството за образование и наука, од Студентскиот пленум и од Професорскиот пленум.

Во пресрет на средбата, студентите од Пленумот изјавија за медиумите дека бараат целосно повлекување на постојниот закон и донесување сосема нов, зашто сметаат дека со сите измени постојниот е нефункционален и ја загубил суштината. Не ги прифаќаат последните измени со кои е одложена примената на некои одредби, меѓу кои за една година полагањето државен испит.

– Бараме комплетно нов Закон за високото образование, во кој тестирање на студентите нема да биде вклучено како решение за контрола на квалитетот на образованието бидејќи тоа директно се негира со принципот на автономија. Одложувањата сами по себе немаат големо значење доколку не се пристапи кон изработка на целосно нов законски текст и тоа преку отворање инклузивен дијалог, вклученост на студентите во сите процеси на креирањето на тој нов закон кој ќе биде заснован на сеопфатни јавни дебати и суштински анализи – изјави Дарко Малинвски од Студентски пленум.

За нивните натамошни чекори и одржувањето на автономните зони, кои на неколку факултети се прогласени од минатата седмица, рече дека ќе зависат од денешната средба на работната група и од одлуката што по неа ќе ја донесе нивниот пленум.

На средба што ја иницираше Сенатот на УКИМ, а се одржа во Владата на 6 февруари, беше договорено примената на последните измени на Законот за високото образование (кои Собранието ги изгласа на 14 јануари) да се се одложи – за една година спроведувањето на државниот испит, а други одредби, вклучително и обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор – да се одложи за две години. Беше договорено Владата, професорите и студентите заеднички да продолжат да работат на подобрување на високото образование.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми во петокот изјави дека контролни механизми мора да постојат.

– И понатаму стоиме на ставот дека мора нешто да се преземе во високото образование. Тоа е заедничка констатација и од состаноците што ги имавме со претставниците на универзитетите. Нема да се повлечеме од појаки критериуми за професорите, нема да се повлечеме од контролни механизми за проверка на знаењата на студентите. Дали тоа ќе биде државен испит, дали ќе биде некоја друга форма, меѓутоа мора да има правни механизми кои ќе ги проверуваат знаењата на студентите – изјави ресорниот министер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top