Министерот за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати изјави дека односите меѓу Тирана и Белград мора да бидат нормализирани поради значењето што двете земји го имаат во регионот, нагласувајќи дека НАТО не треба да дозволи Балканот да биде „терен за игри“ на Русија и други земји.
Дитмир Бушати во интервју за виенскиот весник „Стандард“ нагласува дека за првпат во историјата има мир на Балканот, што е овозможено со јасна европска перспектива, пренесува Танјуг.
Според Бушати билатералните односи меѓу Албанија и Србија не се едноставни, но мора да бидат нормализирани поради значењето на двете земји во регионот. Во однос на тоа, тој нагласи дека по седум децении албански премиер ја посети Србија и изрази надеж дека српски премиер во првите шест месеци од годината ќе ја посети Тирана.
Бушати, исто така, истакна дека проблем во односите меѓу Албанија и Србија претставува и фактот дека граѓаните на двете земји знаат многу малку едни за други.
– Сепак, не постојат само односи меѓу Албанија и Србија, туку и односи меѓу Албанци и Срби што живеат на Балканот. Тоа не може да се поистоветува. Потребна е поголема мобилност меѓу Албанците и Србите, што ќе помогне младите генерации да растат во поинаква средина. Верувам дека имаме многу заедничко, бидејќи сме дел од Балканот – истакна албанскиот министер.
На прашањето дали постои доволна соработка со цел спречување на борци од Балканот да заминат за Сирија и Ирак на страната на ИД, тој нагласи дека соработката е подобрена во изминатите неколку месеци, додавајќи дека ЕУ и НАТО помагаат, во однос на размена на информации, но тоа останува голем предизвик.
– Балканот се наоѓа меѓу Европа и Блискиот Исток. Тој може да биде порта во однос на странските борци, а за тоа не треба да се дозволи Балканот да стане терен за игра за други актери – нагласи албанскиот министер за надворешни работи, алудирајќи на Русија, но и други држави што не делат исти вредности како и НАТО државите.
Според Бушати во економска и политичка смисла, но и во однос на безбедносни прашња Балканот не делува како регион. Тој истакнува дека како реакција на кризата во Украина постојат држави на Балканот што целосно се насочени кон ЕУ и држави што не се. Досега Хрватска и Албанија се земји членки на НАТО, процесот во Македонија и Босна и Херцеговина е замрзнат, а за Црна Гора се уште нема датум, додека Србија се држи до политика на неутралност.
Бушати смета дека НАТО треба стратешки да делува и обезбеди перспектива за членство, со цел Балканот да не стане терен за игри на Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.