Силно снежно невреме денеска предизвика хаос во авионскиот, патниот и поморскиот сообраќај во Истанбул, а поради невремето привремено е затворен и главниот турски аеродром.
Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ одложи или откажа стотина летови од меѓународниот аеродром „Ататурк“, главниот аеродром во земјата, како и од аеродромот „Сабих Гукчен“. Два часа по затворање за чистење на пистата од снег и мраз, аеродромот е повторно отворен.
Според турските медиуми, авион од Бејрут денеска излетал надвор од пистата поради мразот, но никој не е повреден во инцидентот.
Невремето го одложи и патувањето на фудбалерите на турскиот прволигаш „Бешикташ“, кои се заглавени во Истанбул и чекаат лет за Ливерпул, каде што утре играат натпревар од рамките на Лига на Европа.
Снежното невреме го прекина и поморскиот сообраќај во Босфорскиот Теснец, кој е еден од најпрометните во светот.
Истанбулските власти, исто така, објавија дека за два дена во градот се случиле над 800 сообраќајни несреќи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.