Украинскиот претседател Петро Порошенко потврди дека Украина повлекла поголем дел од војската распоредена во источниот украински град Дебалцево.
Армијата повлече 80 проценти од војниците од градот и уште две колони војници треба да го напуштат, објави Порошенко на својот „Твитер“ профил. Тој ги отфрли тврдењата на проруските сепаратисти дека Украинците биле опкружени, нагласувајќи дека украинската војска го напуштила Дебалцево со своето оружје и опрема.
– Дебалцево беше под наша контрола. Градот никогаш не бил опколен. Нашата војска го напушти организирано. Тоа повлекување беше планирано – изјави Порошенко во Киев пред да замине за Источна Украина.
Претседателот, исто така, нагласи дека само 30 украински војници од вкупно 2.000 биле повредени во артилериските напади на Дебалцево.
ЕУ ги осуди проруските сепаратисти за нападот на Дебалцево и кршењето на договорот за прекин на огнот. – Русија и сепаратистите треба итно и целосно да го исполнат договореното во Минск, почнувајќи со почитување на прекинот на огнот и повлекувањето на тешкото вооружување, изјави претставникот на ЕУ за надворешан политика и безбедност Федерика Могерини.
Германија, исто така, го осуди кршењето на прекинот на огнот и нападот на проруските сепаратисти врз Дебалцево. Портпаролот на Ангела Меркел Штефан Зајберт, изјави дека имало масовно кршење на прекинот на огнот, што стапи во сила за време на викендот, нагласувајќи дека нападот на Дебалцево ги става под прашалник договорот од Минск и надежите за мир во Источна Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.