Иако се соочува со познати проблеми во Кина, производителот на луксузни автомобили „Ролс Ројс“ урива нови рекорди во Русија, бидејќи корисниците бараат диверсификација поради падот на рубља.
– Поради поевтинувањето на рубљата, луѓето инвестираат во реални активи, изјави за „CNBC“, Торстен Милер – Отвос, извршен директор на британската марка, која е во сопственост на „БМВ“. Во 2014 година продажбите во Русија се на рекордно ниво. Покрај просечниот економски раст во светот, „Ролс Ројс“ е на пат да запише рекордна година, со испорачани над 4 000 возила во 2014 година. Ова ќе биде петтата рекордна година за „Ролс Ројс“ и најдобра во историјата на марката. Продажбата се зголемила за 24,3% од почетокот на 2014 годината, во споредба со истиот период за 2013 година.
– Регистрираме раст во целиот свет, со исклучок на Кина, вели Милер, истакнувајќи дека борбата против корупцијата во Пекинг се одрази на продажбата на најголемиот автомобилски пазар во светот. Подобрената американската економија сепак и помогна на компанијата да компензира за падот на продажбата во Кина.
– САД повторно е нашиот пазар број еден. Економијата повторно зајакнува и луѓето се враќаат во авто салоните, вели тој. Растот на продажбата се должи главно на интересот за моделот „Wraith“, кој е купе верзија на моделот „Ghost“.
Милер е оптимист за 2015 година и смета дека таа ќе биде исто толку позитивна за „Ролс Ројс“.
– Би рекол дека, ако нема некакви големи турбуленции на Блискиот Исток или колапс во економскиот раст во САД, уверен сум во успехот во 2015 година, вели тој.
Растот на економијата во Австралија може да е бавен, но од „Ролс Ројс“ ја дефинираат земјата како еден од пазарите за раст.
– Австралија беше нешто како заспаната убавица, која веќе е будна и претставува добро место за бизнис за нашата компанија, вели Милер – Отвос.
Компанијата има инвестирано многу во отварање на дополнителни претставништва во земји, каде има сериозен интерес за моделите „Wraith“ и „Ghost Series II“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.