Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп утре ќе одбележи 65 години од постоењето, со стота изведба на комедијата „Од кол на кол“, по текст на Реј Куни во режија на Коле Ангеловски. Според Тони Чатлески, директор на Центарот за култура, ова е убав начин за просалава на годишнината.
– Прилепскиот театар бележи развојна линија во шест и пол децении постоење и денес може слободно да се рече дека има огромни успески и добра репертоарска политика – рече Чатлески.
За раководителот на театарот Стојан Дамчески, поводот е голем, а претставата „Од кол на кол“ е втора во историјата на театарот со 100-та изведба.
– Во шест и пол децении Прилепскиот театар имал над 360 премиери и секоја година бил со повеќе од 100 изведби на претстави. Денеска има одлична екипираност на актерскиот ансамбл со 19 актери. Претставата „Од кол на кол“ е втора во историјата на театарот со 100-та изведба. Првата е „Солунски патрдии“, исто на режисерот Коле Ангеловски, а со нејзината стота изведба ансамблот го прослави 40-иот јубилеј. И во двете претстави ја има истата актерска екипа – рече Дамчески.
За Дамчески е битно театарот да има разновидна репертоарска политика, а според актерот Марјан Чакмакоски, чест е да се прослави јубилејот и уште поголемо задоволството е што бил дел од двете претстави кои доживеале по 100 изведби.
– Јас го глумев Сотка Пискуло во „Солунски патрдии“ и веќе шест години сум дел од екипата на претставата „Од кол на кол“. Тоа е големо задоволство и искуство за актерот – рече Чакмакоски.
Стотата изведба на комедијата „Од кол на кол“ е утревечер од 19.30 часот во театарот „Војдан Чернодрински“, кој работи во состав на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Во претставата играат: Марјан Чакмакоски, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Цветанка Чавлеска, Виолета Чакарова, Димитар Вандески и Андон Јованоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МНТ со претставата „Кец на десетка“ гостува на „Денови на комедија“ во Куманово
-
Прилепскиот театар утре со „Клетници” ќе го отвори Фестивалот на камерен театар во Струмица
-
Доделени наградите на фестивалот „Гола месечина“
-
Театар комедија со „Жена ми се вика Борис“ утре гостува во Народен театар Охрид