| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: ЕП е подготвен да посредува за надминување на политичката состојба

johanes kan

Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на средбата со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакнал дека неговата денешна посета е со цел да се нагласи заинтересираноста на Европската унија и нејзините институции за што поскоро надминување на моменталните несогласувања настанати на политичко ниво.

Како што соопшти кабинетот на Вељаноски, еврокомесарот на средбата потенцирал дека Европскиот парламент е подготвен да помогне со свое надворешно посредување доколку тоа би придонело во надминување на актуелната состојба.

Вељаноски посочил дека можеби доколку се одржи заедничка средба на македонските политички партии со сестринските европски партии ќе почне полека да се работи на враќање на довербата меѓу нив, што е основа за натамошниот дијалог и надминување на несогласувањата.

Двајцата соговорници, стои во соопштението, се согласиле дека работата на Собранието и неговиот придонес во функционирањето на една држава е од исклучително значење од што произлегува потребата тоа да работи со полн капацитет.

Досега, истакнал претседателот на македонскиот Парламент, сите пратеници заеднички работеле за постојано зајакнување на капацитетите на Собранието, за што секоја година Собранието добива позитивна оценка во Извештајот на ЕК. Уште еднаш изрази надеж дека опозицијата ќе прифати да се врати и конструктивно да учествува во работата на Собранието.

Комесарот Хан се согласи дека во едно зрело демократско општество дебатата треба да се одвива во Парламентот бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент да се изразат мислењата и ставовите, се наведува во соопштнието. Тој истакна дека очекува сите политички партии да придонесат во приближувањето на различните ставови и се надева дека опозицијата ќе се приклучи во работата на Собранието.

На средбата исто така се разговарало за посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија и за тековните активности на Собранието.

Двајцата соговорници изразиле надеж дека денешната посета и средбите на комесарот со сите засегнати фактори ќе бидат поттикнувачки импут во подобрување на политичката клима во државата.

Еврокомесарот Хан е во прва посета на Македонија. Попладнево ќе има работен ручек со премиерот Никола Груевски и средби со лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи. Претходно денеска тој беше примен од претседателот Ѓорге Иванов и имаше средба со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top