| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Политички партии треба да имаат политичка дебата во парламентот, а не надвор од него

003

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска го прими комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување,  Јоханес Хан. На средбата било разговарано за интеграцискиот процес на Република Македонија во Европската унија, за унапредувањето на добрососедските односи, како и за актуелните случувања во земјава.

Претседателот Иванов истакнал дека нашата држава останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори и спроведувањето на реформите за членство во ЕУ, нагласувајќи дека е потребно Европскиот Совет да ги согледа последиците од моментната статус кво и да најде начин за валоризација на позитивните препораки од Европската комисија.

002

Во тој контекст, македонскиот претседател побарал поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан и укажал дека предолгото чекање за следниот чекор во евроатлантските интеграции предизвикува фрустрации во нашето општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи.

Претседателот Иванов го реафирмирал ставот на Република Македонија за градење и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка, како и подготвеноста за решавањето на сите отворени прашања, со цел придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион.

-Позитивните примери во нашиот регион, на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните разлики треба да се применат и во случајот со Република Македонија и нашиот јужен сосед – истакнува Иванов.

004

Во однос на последните случувања во Република Македонија, претседателот Иванов порача политичките субјекти да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.

-Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството и мора да се решаваат по институционален пат, низ отворен дијалог. Како претседател давам целосна поддршка за ефикасно и отворено постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок, и во санкционирањето на сторителите на кривични дела, истакна македонскиот претседател.

Комесарот Хан изрази надеж дека Република Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската унија.

001

-Мојот став и ставот на ЕУ е дека сите политички партии треба да ја имаат политичката дебата во парламентот, а не надвор од него. Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во парламентот и таму да се решаваат сите политички прашања – порача комерасорот Хан, и додаде дека е потребно Македонија напорно да работи на клучните забелешки од Извештајот за напредокот на Европската комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top