| четврток, 6 декември 2018 |

Германија го спаси растот на еврозоната

евро

Земјите од еврозоната заедно во последните три месеци од 2014 година забележале раст од 0,3 отсто откако Германија објави дека во последниот квартал растот на националната економија достигнал 0,7 отсто.

Подобрувањето од 0,2 проценти во еврозоната споредено со предходниот квартал ги зголеми надежите дека следува стабилизирање на европската економија, а како директен резултат германскиот берзански индекс ДАКС постави нов рекорд денеска.

Растот на Германија и на еврозоната, пред сѐ, се должи на моќта на домашната потрошувачка и на германскиот извоз којшто не беше намален и покрај санкциите кон Русија.

Растот кај сите земји-членки на Европската унија е 0,4 отсто, објави денеска Европската статистичка организација (Евростат). Германија, која е на чело на земјите со раст во последниот квартал од 2014 година, може дополнително да бележи успех и во 2015 година поради стабилниот пазар на работна сила, зголемените плати и намалените цени на енергијата. Намалувањето на вредноста на еврото дополнително ќе го зголеми германскиот извоз.

Вкупно во 2014 година Германија остварила раст од 1,6 отсто додека кај Франција растот е 0,4 отсто. Третата европска економија Италија минатата година не остварила раст што се повторува од 2011 година. Во последниот квартал од минатата година Грција стагнирала со – 0,2 отсто негативен раст на националната економија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top