Европската унија треба да се погледне во огледало наместо да талка во заблудата за зголемувањето на руското влијание во Југоисточна Европа. Единствениот начин на кој неевропските сили можат да имаат поголема улога во таканаречениот Западен Балкан е ако кредибилитетот и економското влијание на ЕУ во регионот продолжат да се намалуваа. Капацитетот да се интегрира овој дел од Југоисточна Европа во политичка, безбедносна, правна и економска смисла сам по себе паѓа на Европската унија. Сепак, земјите-членки на ЕУ може да ја загубат Југоисточна Европа од Русија, Турција, Кина или од некои исламски држави, кои, без сомнение, би сакале да имаат поголемо влијание во регионот. Имајќи го предвид тоа, водечките земји-членки на ЕУ треба да дејствуваат соодветно.
Стратегијата за проширување на ЕУ на некој начин одговори на големата економска рецесија што го погоди Западен Балкан во 2009 година. Имено, подобрувањето на економското управување во земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство стана дополнителен приоритет на ЕУ. Очигледно, зголемувањето на дефицитот во државните буџети и огромните надворешни долгови разбрануваа стравувања дека можеби „грчкото сценарио“ го демне Западен Балкан. Ако уште една група земји влезат во стандардната зона, ЕУ можеби ќе мора да обезбеди финансиски гаранции за нив, па дури и да вложува свежи пари. Toa е причината зошто Европската комисија е подготвена да го зголеми својот надзор над економското владеење во регионот на проширување.
Меѓутоа, војната во Украина алармираше некои носители на одлуки во Европа и ја поттикна германската влада да свика конференција за Западен Балкан во август 2014 година. Во моментов, не е јасно дали таа иницијатива ќе создаде Маршалов план за Западен Балкан – потфатот од таков размер треба да поттикне побрз раст и да ја зголеми вработеноста во регионот. Во последните години приоритет за повеќето од водечките членки на ЕУ е да се повикуваат на процесот на проширување на ЕУ за да се најде начин за излез од косовската загатка. Владите во Белград, Приштина, Тирана и во Скопје се изјаснуваат дека членството во ЕУ им е врвен политички приоритет, а дипломатите во Берлин, Лондон и во другите места профитираат од обидот да се регулира „албанското прашање“ во регионот. Сепак, парламентарните избори во Србија и во Косово што треба да се одржат оваа пролет го доведоа таквиот тек на активности во ќор-сокак. Останува допрва да се види кога и со кој степен на динамичност ќе продолжат преговорите.
Во овој контекст, Русија, дефинитивно, игра важна улога: сè додека Москва (и Пекинг) поседува право на вето во Советот за безбедност на ОН, секој обид за Косово да стане членка на Обединетите нации ќе резултира со сè друго освен со признавање полноправна државност. Покрај тоа, Србија, исто така, нема да може да влезе во ЕУ сè додека не склучи договор со водечките членови на Унијата за односите со Косово. Сепак, во овој поглед, војната во Украина може да донесе некои промени. Веќе извесно време српските и црногорските лидери се обидуваат да ги убедат западните соговорници дека тие страдаат под зголемениот притисок од Русија за да се ублажи условеноста на ЕУ за членство и со тоа да се зајакне стабилноста во Западен Балкан. Изразено со заедничкиот јазик на спортот и на политиката: Ќе беше спектакуларно шоу, ако овој трик навистина успееше.
Освен тоа, „грчката стега“ сега функционира како вграден дел од политиката за проширување на ЕУ. Веќе многу години, Атина го блокира кој било тип прогрес што Македонија може да го направи во своите напори за влез во НАТО и во ЕУ, со надеж дека таа тактика ќе ѝ помогне да победи во спорот за името со Скопје. Можноста за примена на оваа политичка техника на борење постои само во текот на претпристапниот период. Тоа е причината зошто Словенија ја уценуваше Хрватска, зошто Хрватска се чини дека се подготвува да ја уценува Србија и зошто Бугарија, Романија и Унгарија ги наметнуваат своите билатерални состојби кои се однесуваат на нивните етнички групи во соседните земји-кандидати во преговорите за проширување. Членките на ЕУ во Југоисточна Европа не се колебаат да го „национализираат“ процесот на проширување на ЕУ.
Често се претставува дека правото на влез во ЕУ повеќе или помалку е резултат на техничка постапка (ЕУ исполнува кога земјите кандидати за ЕУ ќе исполнат…). Во реалноста, влезот во ЕУ отсекогаш се базирал на интересот на членките на ЕУ да се изградат стабилноста и безбедноста на континентот. Самата ЕУ е создадена за да се ограничи моќта на Германија во Европа, а подоцна Грција, Шпанија и Португалија беа вметнати за да се спречи враќањето на фашистичката власт во овие држави. Потоа поголемиот дел од поранешните членки на Варшавскиот пакт беа поканети да се приклучат за да се спречи враќањето на комунистичката репресија и на руската хегемонија во тој дел од Европа. По неуспехот на ЕУ да ја спречи југословенската катастрофа, на Западниот Балкан му беше понудена „перспектива за членство“ за да се докаже – до Градот (Рим) и до светот (urbi et orbi) – дека ЕУ е способна да се грижи за стабилноста и за безбедноста во својот двор. Дали стравот од замислената руска агресија во Југоисточна Европа ќе ги убеди западните сили да се организираат и да ги исполнат своите добри намери и големи ветувања кон земјите од Западен Балкан? Во тој случај, тоа може да се покаже како единствена придобивка од злото што го донесе војната во Украина.
* Душан Рељиќ, раководител на бриселското биро на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.
** Оваа статија прво беше објавена во јануарското издание на месечниот весник „Аналист“ на турски јазик.
Извор | „Туркиш викли“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст