| четврток, 6 декември 2018 |

Препораки од Агенцијата за храна и ветеринарство за заштита од туларемија

mal-i-golem-glusec-srcki

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира сопствениците на домашни животни и миленици, особено на зајаци, глувци и други глодачи, кај надлежниот ветеринар задолжително да ги пријават животните кои покажуваат невообичаени симптоми на треска, слабеење, оток на жлездите, рани на кожата и други симптоми заради спречување на евентуално пренесување на болеста туларемија, од која кај нас се регистрирани три заболени случаи, а во соседно Косово е прогласена епидемија.

– Станува збор за болест опасна за луѓето, чии носители се глодачи, зајаци и но и други диви и домашни животни. Туларемијата се пренесува преку директен контакт со мртви животни кои се инфицирани, со каснување од инфициран крлеж, коњска мува или друг инсект, преку контаминирана храна и вода или со вдишување – преку инхалација со инфицирани аеросоли со бактеријата која предизвикува туларемија – појаснуваат од АХВ.

Првите симптоми кај луѓето, нагласуваат, кои вообичаено настапуваат за 3 до 5 дена, се ненадејна треска и грозница, отечени и болни жлезди, главоболка, повраќање и дијареа, болки во мускулите и зглобовите, сува кашлица, малаксаност. Може да се јават и рани по кожата и устата, воспалено грло, отеченост и болка на очите или на жлездите на вратот како и под пазувните жлезди. Во подоцнежните фази болеста може да премине во пневмонија, проследена со недостаток на здив, дишење проследено со болка во градите и искашлување на крвав исцедок.

Од АХВ потсетуваат дека туларемијата не се пренесува од човек на човек. Досега Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено известување за позитивен лабораториски наод за туларемија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top