| четврток, 6 декември 2018 |

Водата ги удави краставиците и доматите

Први на удар се есенските посеви и раноградинарските култури, а со слични загуби се и сточарите. Сепак, со оглед на тоа дека државата увезува значаен дел од лебното жито и од млекото, нивната цена нема да биде многу на удар на надојдената вода, а предвидувањата се дека најголеми последици ќе почувствуваат раноградинарските производители. Најголем раст на цените се очекува токму кај овој вид производи. Загубите на родот во секој случај ќе бидат многу помали во однос на штетите што ќе ги предизвика деградацијата на земјиштето. Ќе биде потребен подолг период додека почвата да се врати во првобитната состојба за да може да се обработува

Врнежите и поплавите што ја зафатија земјава, освен моментални проблеми на жителите на поплавените подрачја, со себе носат и подолгорочни последици за сите граѓани во земјава. Имено, под вода е дел од земјоделскиот род, што ќе значи помала понуда на храна, а со тоа и раст на нејзината цена. Освен тоа, почвата е измиена и голем дел од хранливите материи се разнесени, а водата има донесено големи наноси на камења, што сѐ заедно ја менува целосната структура на почвата и нејзината плодност, нешто за што ќе треба многу време за да се среди. Експертите и агрометеоролозите убедуваат дека последиците од поплавата нема да се почувствуваат многу бидејќи водата му наштети само на дел од земјоделското производство. Први на удар се есенските посеви и раноградинарските култури, а со слични загуби се и сточарите. Сепак, со оглед на тоа дека државата увезува значаен дел од лебното жито и од млекото, нивната цена нема да биде многу на удар на надојдената вода, а предвидувањата се дека најголеми последици ќе почувствуваат раноградинарските производители. Најголем раст на цените се очекува токму кај овој вид производи.

– Временските непогоди секако дека ќе влијаат врз земјоделското производство, кое ќе биде помало, што значи дека на пазарот ќе има и помала понуда на земјоделски производи. Помалата понуда ќе значи раст на цените. Сепак, тоа нема да значи повисока цена на сите производи бидејќи не се сите култури погодени од поплавите. Извесно е дека ќе имаме помала понуда на зеленчук, односно на раноградинарски култури. Останатите култури, како производството на пченица или сточарството, не ги задоволуваат целосно потребите на земјава, што значи дека тие се увезуваат и нивната цена ќе зависи од движењата на светските берзи. Како и да е, не се очекува поплавите многу да ги погодат потрошувачите, колку што ќе ги погодат производителите на храна, на кои ќе треба да им се помогне со мерките на аграрната политика – вели деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски.

Според агрометеоролозите, врнежите што ја зафатија Македонија најголеми штети ќе предизвикаат кај есенските посеви. Можноста од нивно уништување е поголема од 60 отсто, особено ако дождот продолжи да паѓа. Почвата е презаситена со вода, коренот нема кислород, па не е исклучено негово задушување. Агрометеоролозите сметаат дека загуби ќе има и во оранжериското производство, најмногу поради деградирањето на површините, измивањето на хранливите материи и нанесувањето нов сериозен материјал од излевањето на реките. Состојбата со овошките и со виновата лоза е сосема поинаква. Поради височината на местата каде што се одгледуваат, но и нивната отпорност, речиси воопшто не се загрозени.

– Почвата е максимално заситена со вода. Нема капацитет да прими повеќе и водата лежи над површината. За есенските посеви сега и една капка е вишок. Каналите, пак, се преполни. Наместо да ја исцедуваат, ја враќаат водата од реките. За градинарските култури ќе биде проблем измивањето на хранливите материи од почвата и нивно разнесување по други места. Измивањето на површината воедно ќе донесе покрупни камчиња и неплоден слој. За сето тоа да се среди, потребно е време. Не се решава во краток период – вели Ангелко Ангелески од Управата за хидрометеоролошки работи.

ekonomija127-2

Загубите на родот во овој случај, смета тој, ќе бидат многу помали во однос на штетите што ќе ги предизвика деградацијата на земјиштето. Ќе биде потребен подолг период додека почвата да се врати во првобитната состојба за да може да се обработува.

Федерацијата на фармерите на Република Македонија (ФФРМ) во овој период постојано ја следи ситуацијата со поплавите кои ја зафатија целата територија на земјава.

– Вистинските штети ќе можат да се проценат кога состојбата ќе се стабилизира и водата ќе се повлече. Дотогаш не може да се каже какви се штетите и какви ќе бидат последиците од поплавата. Секако најголеми штети се направени врз земјоделските површини во Пелагонија, штипско-кочанскиот и во струмичкиот регион, каде што под вода е голема земјоделска површина поради излевање на водата од речни корита, обилните врнежи, а поплавени се и куќи. Од страна на земјоделските сектори најзагрозени се полјоделството, односно пченицата, градинарските култури и сточарството. Тоа покажува дека климатските промени влијаат врз земјоделството и затоа треба да се направи соодветна стратегија за справување со предизвиците кои нѐ очекуваат од новонастанатите временски услови и кои ќе влијаат врз земјоделските култури – велат од ФФРМ, од каде што апелираат земјоделците да ги пријават до надлежните институции штетите што им се направени од невремето.

Од ФФРМ бараат на површините зафатени од поплавите да се направат педолошки и агрохемиски анализи за да се види составот на почвата, да се дадат ваучери на фармерите за репроматеријали и да се исчистат каналите на речните корита и канали.

ФФРМ уште еднаш апелира на поголемо искористување на субвенцијата за осигурување затоа што тоа е еден од начините да се заштитат земјоделските бизниси и производството.

– Ваквите временски непогоди ќе продолжат и натаму и ќе прават проблеми во аграрното производство, па затоа е потребно обединето и здружено настапување за да можеме да се спротивставиме на предизвиците што нѐ очекуваат – велат од Федерацијата.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 127. број на неделникот „Република“, 6.02.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top