Во членот 311 од Кривичниот законик е наведено: „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија со сила или со сериозна закана ќе го спречи нешто да стори или ќе го присили нешто да стори или да не стори во вршењето на неговата должност претседателот на Републиката, на Собранието, на Владата, на Уставниот суд или на Врховниот суд на Република Македонија, ќе се казни со затвор најмалку четири години“.
Во членот 19, пак, е наведено: „ (1)Тој што со умисла ќе започне извршување на кривично дело, но нема да го доврши, ќе се казни за обид на кривично дело за кое според закон може да се изрече затвор од пет години или потешка казна, а за обид на друго кривично дело само кога законот изречно пропишува казнување и за обид“.
Ова се двата члена со кои се обвинуваат четворица, меѓу кои и лидерот на опозицијата Зоран Заев и поранешниот разузнавач Верушевски, по акцијата „Пуч“. Клопчето почна да се одмотува со тврдењето на Заев дека поседува компромитирачки материјали за членови на извршната власт, за кои повеќе месеци најавува дека ќе ги објави. Тоа го поврзуваше со неговите ултиматуми за техничка влада при обидите за надминување на политичката криза која ја наметна.
Целиот случај предизвика лавина реакции, поттикнати, пред сѐ, од политичките анализи, дел со толкување на етичкиот момент, но и со различните толкувања на правните аспекти.
Според обраќањето на премиерот Никола Груевски, еден од осомничените, лидерот на опозицијата Зоран Заев, му предочил дека од странска разузнавачка служба добил телефонски разговори од целиот државен врв, членови на опозицијата, медиумите и други јавни личности. При тоа, Заев пренел неколку од разговорите, по што Груевски посочи дека дел од нив биле точни, дел делумно точни, а дел воопшто неточни. Но, фактот дека дел од пренесените информации за разговарани теми преку телефон биле точни, го запали црвеното светло.
Во однос на тоа дали пренесените информации биле делумно или целосно неточни, професорот Оливер Андонов, чиешто поле на работа е токму безбедноста, посочува дека во такви случаи мора да се инсистира на автентичност на доказите.
– Прашањето е од каде толкава сигурност кај некого да седне кај премиер на држава и да порача, на пример, „ако не се повлечеш, јас имам информации и ќе те урнам“. Треба да си или наивен или апсолутно сигурен. Но, во што можеш да си толку сигурен, освен ако сам не си ги снимал. Доколку некој друг му ги дал, од каде знае дека не се монтирани за да го дискредитираат? – прашува Андонов.
До моментот на затворање на овој број на „Република“, секојдневно се изнесуваа нови детали. Така и обидот за толкување на правниот аспект не можеше да биде потполн. Затоа Андонов посочува дека сега само една работа е јасна – во деновите што следуваат ќе излегуваат многу нови, но и многу манипулативни информации.
– Не сме директно вклучени ниту во истрагата, ниту во полицијата, ниту кај извршителите на дејството, ниту кај оштетените, па не можеме да донесеме релативно правилен суд. Но, може да ги коментираме законските точки во кои се вкрстуваат проблемите – вели Андонов.
Сѐ што е во етер се слуша
Сѐ што е во етер може да го слушне кој било, посочува Андонов. Во етер се подразбира и телефонски разговор или средства за комуникација. Андонов е на став дека во случајов се работи исклучиво за злоупотреба на сопствени сознанија во лични цели.
– Прислушувањето можело да го изврши кој било – хипотетички нека е и приватна агенција во Македонија, нека не е странска служба. Некој сторил кривично дело, но можел да го прикрие, да не го даде во јавност. Но, ги дал на некого, кој сакал да ги употреби за нешто. Ако се докаже дека ги употребувал снимките за нешто, се враќаме на кривичните дела кои се извршени – посочува Андонов.
Поголем проблем, според него, е доколку се докаже дека лицето што ги употребувало снимките, ги добило од странска разузнавачка служба. Тогаш, пред сѐ, би се барале и етички одговори, а потоа и кривични.
– Зошто некој влегува во соработка со која било странска разузнавачка служба која дава информации и компромитирачки материјали за носители на функции? Тоа се плаќа. Мора да има личен интерес. Материјален, политички, мора да постои друга заднина. Затоа што никој од странските служби не дава за џабе. Никаква информација од служба нема да добиете тукутака. Или веднаш ќе бара противуслуга во зависност од тежината на информацијата, или дава за да се објави, а службата го знае ефектот како противуслуга. Или по остварувањето на личната цел ќе се преземат дејства за испорачување на „цената“. И тука е етичкиот и личниот однос, дали желбата да се преземе нечие место е поголема од цената за испорачување на бараното. Мојот став е дека се работи само за злоупотреба на сопствени сознанија во лични цели – анализира Андонов.
Недостига безбедносна култура
Работата на разузнавачките агенции е да прислушуваат, и тоа не е спорно, велат стручњаци по безбедност. Ниедна држава не е имуна на тоа. Во замка паднаа и германската канцеларка Ангела Меркел, чијшто телефон американската НСА го „снимала“ цела деценија, а во американската јавност лани се појави снимен разговор на Викторија Нуланд, од кабинетот на Барак Обама, со американскиот амбасадор во Украина.
– Јас велам, разузнавачките служби постојат за тоа. Тоа им е работа. Но, работата е дали ние како Македонија ќе бидеме Ел Дорадо за странските разузнавачи и зошто тоа нам да ни се случува. Во една таква состојба, можеме да ги обвинуваме службите. Но, не за прислушувањето во етер, тоа зависи од буџетот за заштитната опрема. Поголем би бил проблемот во физичкото и електронското обезбедување во објектите. Дали некој има толкава моќ да влезе во кабинет на претседател, на премиер, на министри, да постави уреди за прислушување – во тој случај некој би требало сериозно да одговара за тоа – оценува Андонов.
Професорот од Универзитетот МИТ посочува дека техничките способности за прислушување се големи, но и дека постојат начини како се откриваат деловите од прислушните уреди.
– Првенствено, со гониометрирање се пресекува, се попречува прислушувањето. Потоа, постојат уреди на оперативната техника кои точно покажуваат каде има инсталиран уред за прислушување. Уредот, сепак, е потрошувач, мал потрошувач, но му треба извор на енергија, а во вакви случаеви нема услови некој секој втор ден да влегува некаде за да му менува батерија – опишува Андонов.
Тој го отвора прашањето и за безбедносната култура на луѓето, било да се функционери или луѓе чијашто дејност е поврзана со функционирањето на државниот апарат.
– Во принцип, најлесно се прислушуваат луѓе кои немаат безбедносна култура и во етер зборуваат сѐ и сешто, па и за државни тајни. Од друга страна, може да се зборува и за безбедносна култура кај тие што ги употребиле снимките од прислушувањата. Како може граѓанин да дозволи некој да му дава, да знае дека некој има информации за безбедноста на оваа држава, а тоа да се премолчи, да не се каже дека има проблем на определено место. А, потоа политичкиот двобој може да продолжи – се прашува Андонов.
Клучното прашање е што е сѐ дознаено преку снимањата, дали се дознаени државни тајни, не за корумпираност или интимни прикаски, туку такви што би ѝ наштетиле на државата во целина.
– При таквите прислушувања не се работи само за интимни работи, за корумпираност или за криминал, можеби се работи за државни тајни. Велиме можеби бидејќи не знаеме што сѐ има. Можеби се работи за државни тајни. Не знаеме дали не се разговарало за стратегијата во преговорите со Грција или за извештајот за борбената готовност на армијата во однос на моралот. За поедини работи за загрозување на безбедноста од аспект на, можеби, радикализмот или, пак, други аспекти. Не знаеме дали поедини лица не се споменати во контекст дека вршат непријателски дејства кон Република Македонија – претпоставува Андонов.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 127. број на неделникот „Република“, 6.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.