
Колумнист: Горан Момироски
Првата вест што го обиколи светот е дека во Македонија имало пуч, при што сите што ја слушнале веста замислувале тенковски колони како влегуваат во Собранието, зградата на Владата и во претседателската резиденција. Тоа без никаква дилема значи дека Македонија е таа што најмногу загуби. Непостојниот политички дијалог поради кој ни се заканува одземање на препораката за почеток на преговорите веќе не е во прашање. Дури ни името не е приоритет затоа што и за упорниот Нимиц ќе биде тешко во вакви услови да закаже преговори и да разговара, уште повеќе што, според шпекулациите што доаѓаат до него, и дел од преговорите може да се најдат во бомбата на струмичкиот градоначалник. На листата на губитници веднаш по татковината е Зоран Заев. Освен ако нема цел при целосното пропаѓање да го повлече со себе и премиерот Груевски, нема никаква логика зошто тој влезе во сценариото коешто го следиме со денови. Во земја во која тој има четири пати помал број поддржувачи од Груевски, во земја во која политичката поддршка неретко се дава и поради личен бенефит, но, пред сè, поради традиционални идеолошки претпоставки, Заев не може да се надева дека со информациите, па дури и тие да се најстрашни, ќе си ги заменат местата со премиерот. Дури и да се случи драматичен пад на рејтингот на премиерот, тој може да се намали за одредено ниво, но не може да падне под рејтингот што го има Заев, а тој, пак, не може да се надева ниту на јавната доверба што ја имаше Црвенковски, што во секој случај не е доволна за правење влада. Освен ако премиерот и министрите во Владата не вршеле крвави канибалски пирови како кралот Бокаса од Централноафриканската Република во седумдесетите години од минатиот век, Заев не може да се надева да го заземе местото на Груевски. Пред сè затоа што македонските граѓани ќе знаат да ги казнат тие што вршеле незаконски дела ако се докаже дека навистина вршеле, но нема да ги наградат тие што, освен тоа што немаат никаква идеја за начинот на кој би владееле со земјата, немаат алтернатива за сегашната политика, немаат структура и покрај тоа што најавија влада во сенка. Другата причина е јасна – не се дава награда на тој што, мислејќи дека има моќно оружје в џеб, отишол да преговара и да се пазари за нешто за што никој нормален политичар не смее да прави пазар. Тоа што неколку пати јавно негираше одредени дела, па потоа признаваше дела лажел е веќе стара приказна.
Добитници
За разлика од Македонија и од Заев, кои веќе загубија, и од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, за кои допрва ќе се види дали ќе загубат во целата атмосфера, има и такви што ќе добијат или веќе добиле.
Еден од политичките фактори кои засега седат настрана и на свој начин ги повторуваат пораките од највлијателните западни земји е ДУИ. Али Ахмети мудро молчи и чека уште поголем конфликт меѓу најголемите македонски партии. Колку е помал рејтингот на Груевски толку полесно Мала Речица ќе може да ги диктира политичките процеси во земјава што може да ги стави на листата на легитимни политички цели. Тоа што македонски политичари, практично без битка, можат да му овозможат на Ахмети да биде во ситуација да уценува и, на пример, да добие двојазичност на целата територија, не е проблем на ДУИ, туку на други луѓе, кои лесно ќе се препознаат во овие редови.
Најголем добитник во целата ситуација, секако, е Грција. Без разлика дали нејзините шпиони биле контакт при дистрибуцијата на документацијата за која зборува Заев, новата влада во Атина, но и целата грчка држава, е убедливо најголемиот победник во внатрешната македонска битка. Во ситуација во која Ципрас влегува во директна кавга со Меркел и со уште дузина други членки на ЕУ вознемирени од „соцреализмот“ на СИРИЗА, Македонија си дава автогол и, наместо со мудра политика да притисне врз ранетиот соговорник во спорот за името, ќе треба да се правда за скандалите кои неделава нè прочуја низ светот, а веројатно и за другите што ќе следуваат. Судејќи според реториката на Брисел, шансата за позитивен годишен извештај на ЕК и препорака за почеток на преговори за членство е минимална. И навистина, кој би сакал да преговара со земја во која лидерот на опозицијата со месеци држи бомба во својата фиока, а во меѓувреме преговара со премиерот за вадење детонатор.
За разлика од ЕУ, САД, Британија и Германија, кои во последните македонски сплетки немаат што да добијат ниту, пак, да загубат, во случајот со Русија имаме потенцијал за добивка. Реакцијата на Русија беше прва од таков вид во Македонија, освен ако не ги сметаме изјавите поврзани со 2001 година и осудата на насилство. Русија со својата реакција испрати силен сигнал дека не се откажува од Балканот како што изгледаше пред само два месеци кога прво ја намали дистрибуцијата на гас за Србија, а потоа и го запре проектот „Јужен тек“, кој требаше да стигне до Македонија. Со последната реакција, без разлика колку таа е избалансирана, Русија ги потврди стравувањата на германските аналитичари кои сметаат дека таа има конкретна стратегиска цел да оствари посилно влијание на Балканот пред сè во земјите што не се членки на НАТО и на ЕУ и, се разбира, во Бугарија, каде што никогаш не ги загуби старите позиции. Неповикана од никого, Русија успеа да остави впечаток дека го поддржува Груевски и со тоа да се позиционира за идните случувања за кои, според сè, информации имаат и нејзините западни соперници. Интересно е што меѓу земјите што не кренаа голема врева е Бугарија, која своевремено знаеше да направи каша поради далеку поневажни политички процеси во земјава. Фаќа ли и Софија бусија пред идните премрежиња или Бојко Борисов искрено сака да биде конструктивен со тоа што ќе молчи. Тоа не може да се скрие на средни патеки, но важно е што сега Бугарија не се ни обиде да освои поени на сметка на Македонија.
Зошто Заев не ги објавува документите?
Една реченица во објаснувањето на Зоран Заев зошто не ги објавува документите е крајно индикативна. Тој вели дека тие ќе бидат објавени тогаш кога тоа најмногу ќе му одговара на СДСМ. Оттука е нејасно како толку важни документи од државен и од национален интерес станаа заложници на партиски интерес. Па, може да се нагаѓа дека Заев, за да го урне политичкиот противник, би можел да ги објави документите или дел од нив пред, на пример, евентуален договор со Грција или пред почетокот на преговорите со ЕУ.
Второто прашање, исто како и во аферата „Големо уво“, се однесува на квантитетот на документите, односно дека нема да останат необјавени дел од материјалите со кои ќе можат да се уценуваат други луѓе. Кој е тој што ќе гарантира дека нема веќе документи скриени под нечија перница. Заев не може да биде тој што ќе го затвори процесот затоа што самиот призна дека лажел неколку пати. А, секому му е јасно дека без откривање на сите документи, односно со нивно парцијално и дозирано откривање, Македонија не може да излезе од политичката криза со години.
„Викиликс“
Фамата што ја шират дел од македонските коментатори дека Владата ќе се обиде да го запре објавувањето на документите на Заев е апсолутно лажна. Груевски и неговите соработници не се вчерашни и знаат дека во времето на интернет и, пред сè „Викиликс“, не постои шанса нешто да остане скриено. Ако ништо друго, во Македонија сè уште има печатници и машини за копирање на кои може да се отпечатат стотици илјади копии од наводните докази за историска штета врз Македонија. Математиката е лесна, 70 илјади членови на СДСМ за еден месец можат да се сретнат со сите македонски граѓани и да им ги објаснат „злосторствата на Груевски“. Се прави ли оваа фама со цел да се најде алиби за лош прием на документите во јавноста. Случајот „Македонска банка“, за кој Заев беше уверен дека ќе го урне Груевски, покажа дека народот верува во тоа што сака да верува и дека филмските сценарија во политиката, особено во Македонија, не секогаш носат поени за режисерот.
Како и да е, Македонија, освен губитник, во целата приказна може да стане и добитник, но само ако навистина се расчистат сите работи и ако по утврдување на вистината сите што навистина згрешиле заминат во политичката историја.
(Текст објавен во 127. број на неделникот Република, 6.02.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата


