| четврток, 6 декември 2018 |

УНХЦР: ЕУ е недоволно ангажирана во спасувањето на емигрантите

бегалци

Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) денеска ја повика Европската унија на значително поголем ангажман во спасувањето животи на емигранти во Средоземно Море, оценувајќи дека европските поморски патроли „се жалосно недоволна“ замена за претходните италијански патроли.

– УНХЦР одлучно ја повикува ЕУ под итно да го промени својот пристап кон прашањето на преминување преку море за како приоритет да го одреди спасувањето животи – се наведува во соопштението на агенцијата, издадено по најновиот бродолом во кој, како што се стравува, се удавиле повеќе од 300 мигранти кои од Африка се обиделе да стигнат во Европа.

Новите жртви укажуваат на ограниченоста на средствата и рамката на Мисијата на ЕУ „Тритон“, која во ноември ја наследи италијанската спасувачка поморска операција „Маре нострум“, пренесуваат француските медиуми.

Италија одлучи да го намали обемот на операцијата бидејќи нејзините партнери во ЕУ одбија да преземат дел од трошоците кои изнесуваат околу девет милиони евра месечно.

Месечниот буџет на „Тритон“, што е под мандат на агенцијата на ЕУ Фронтекс, изнесува околу 2,9 милиона евра и патролите главно се ограничени на територијалните води на членките на ЕУ.

– Нема никаков сомнеж, по настаните од оваа недела, дека европската операција „Тритон“ е жалосно недоволна замена за италијанската „Маре нострум“ – рече високиот комесар за бегалци Антонио Гутереш.

– Фокусот мора да биде на спасувањето животи. Потребна ни е сеопфатна операција на трагање и спасување во централен Медитеран, а не само погранични патроли – предупреди тој .

Според податоците на УНХЦР, најмалку 3.500 лица минатата година го загубиле животот од вкупно 218.000 мигранти кои го минале Средоземјето, што ова море го прави најсмртоносна рута на светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top