| четврток, 6 декември 2018 |

Вистини и заблуди за странците во Германија

germany

Тие се необразовани криминалци и живеат на грбот на германската држава – се само некои од предрасудите за странците во Германија, каде што во последно време, посебно на митинзите на антиисламистичкото движење Пегида се извикуваат пароли против тие со тежок акцент, родени надвор од границите на Германија, распространети од Алпите до Балтикот.

Какви се, всушност, странците во Германија е прашање на кое весникот „Билд ам Зонтаг“ се обиде да понуди одговори, уривајќи ги предрасудите за повеќе од седум милиони странци, кои се тема на власта и опозицијата и на заговорниците и противниците на интеграциите во Германија и еден од основните мотиви на активноста на Движењето на патриотските Европејци против исламизација на западот (Пегида).

Странците доаѓаат во Германија во таа 82-милионска земја од најсиромашните земји, само е една од предрасудите, која експертите ја негираа. Имено, најголем број доселеници во Германија се од земјите на Европската унија.

Во 2013 година, според извештајот на Сојузната служба за миграции, во Германија дошле 1,23 милиони доселеници, но истовремено околу 800.000 луѓе ја напуштиле Германија, така позитивниот биланс е околу 430.000 доселеници.

Три четвртини доселеници, околу 77 отсто од нив дошле токму од Европа, покажува статистиката. Само 13 отсто од нив се од Азија и четири отсто од Африка.

Најголем број пристигнати се од Полска – 16 отсто, потоа следи Романија со 11 проценти, а на трето место е Италија со пет отсто од вкупниот број доселеници во Германија, а значително пораснал и бројот на доселениците и од кризните земји на ЕУ. како Шпанија и Португалија, покажува статистиката.

Околу предрасудите дека странците живеат на сметка на германската држава, научниците и понатаму се спорат. Според една студија на фондацијата Бертелсман, Германија профитира од странците, кои во просек плаќаат 3.300 евра данок и социјални трошоци во една година, повеќе од што добиваат од државата. Германската држава, според тоа, како што покажува студијата од оваа фондација, има милијарди корист токму од странците.

Меѓутоа со оваа студија не се согласува шефот на ИНФО Институтот, Ханс-Вернер Зин, според чија проценка еден мигрант ја чини државата околу 1.800 евра.

Предрасудата дека мигрантите се криминалци, т.е. дека прават најмногу кривични дела не може да се докаже.

Најголем број статистички студии за криминалот ги разликуваат само странските од германските граѓани, но и дали еден осомничен има странско потекло или не, тоа главно не се наведува, велат аналитичарите.

Статистиката, сепак зборува дека бројот на извршените кривични дека во 2013 година, кои ги направиле странци, пораснал за 7,2 отсто на 538.449 дела, а тие кои ги извршиле Германци е намален за 2,3 на 1.555,711 дела.

Претседавачот на Сојузот на синдикати на германската полиција Рајнер Вент не верува дека мигрантите се покриминални од Германците, но признава дека токму меѓу младите момчиња од турско и арапско потекло во Рурската област или Берлин-Нојкелн има одредени феномени, т.е. дека тие почесто извршуваат кражби и нанесуваат телесни повреди.

Предрасудата дека странците се понеобразувани од Германците, исто така не одговара на реалноста. Статистиката вели дека новите доселеници во Германија, всушност подобро се образувани и поквалификувани во однос на домицилните Германци.

Тоа го покажа една студија од Институтот за пазар на трудот и истражување на занимања ИАБ од Нирнберг, со што е срушено клишето дека гастарбајтерите главно се неквалификувана работна сила која доаѓа од разни земји.

Според студијата ИАБ, 43 отсто од новите доселеници, на возраст до 65 години имаат дипломи за високо или техничко образование, додека тој процент кај Германците, без миграциско потекло е 26 отсто.

Статистиката вели дека на Германија и се потребни странците.

Од околу 82 милиони жители во Германија, 16,5 милиони од нив имаат миграциско потекло. За да ги зголеми своите стопански потенцијали и да ја задржи благосостојбата, на Германија и требаат доселеници плус од околу 400.000 луѓе, покажува статистиката.

– И кога би успеале да ги мобилизираме сите наши сили, нема да успееме без квалификуваните доселеници да ја одржиме нашата благосостојба, рече претседателот на германската Индустриска и трговска комора Ерик Швајцер.

За тоа дека доселувањето во Германија лошо е регулирано, постојат несогласувања, па така додека социјалдемократите и зелените бараат нов закон, до тогаш демохристијаните на канцеларката Ангела Меркел имаат поделено мислење.

Една анкета покажува дека самите Германци (74 отсто) сметаат дека со нов закон тоа прашање може подобро да се регулира.

Германците се поделени околу темата за доселување на странци, 26 отсто од нив сакаат повеќе доселеници, 27 отсто сакаат помалку доселеници, а 42 отсто сметаат дека треба да остане како што е.

За уште една предрасуда, дека Германија прима повеќе бегалци од другите европски земји, може да се дискутира.

Имено, Германија во споредба со другите европски земји има најголем вкупен број на бегалци, но ако тоа се спореди со бројот на жителите, тогаш пред Германија, според бројот на бегалци на еден домицилен жител се наоѓаат Шведска, Малта, Холандија и Кипар, вели статистиката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top