| четврток, 6 декември 2018 |

Зимски преоден рок за паметење во мак-фудбалот, пристигнаа Идризу, Ибричиќ, Пачовски….

Жешка пролет ги очекува македонските фудбалски прволигаши, во продолжението на првенството ќе се бие голема битка и за титулата, за местата што гарантираат настап на евросцената, но и за опстанок.

Зимскиот преоден рок и трансферите што веќе се реализирани, но и оние што допрва ќе се остварат, а се во најава, ветуваат возбудливо продолжение на домашниот шампионат. Вардар и Шкендија беа најактивни на трансфер пазарот и најмногу се засилија пред стартот на вториот дел од Првата македонска лига.

По долг период има и атрактивни засилувања, дел од нив и со настапи во германската Бундеслига, а продолжи и трендот на враќање на искусни и докажани фудбалски имиња, наши поранешни, сегашни или потенцијални репрезентативци.

Во зимскиот преоден рок обично нема спектакуларни трансфери, во водечките фудбалски земји летото е поатрактивно за ангажман на скапи засилувања, но овојпат и кај нас во Македонија наспроти очекувањата беше интересно со неколку трансфер бомби.

„Република“ ќе се обиде да направи избор од топ-5 највредни трансфери во зимскиот преоден рок.

Идризу го крена Тетово на нозе

Мохамаду Идризу ја засили Шкендија, а фудбалско Тетово е на нозе и очекува многу од новиот фудбалски миленик во „црвено-црн“ дрес. Според минатиот труд и реномето што го има Идризу, тоа е веројатно најдобриот странец фудбалер што пристигнал во македонскиот шампионат. Во последните десетина години 190 сантиметри високиот напаѓач од Камерун играше во неколку клубови од Германија, а има настапи и во националниот дрес. Заедно со легендарниот Самуел Ето пред 11 години настапи на африканскиот Куп на Нации за популарните „Нескротливи лавови“, а собра точно 41 меч за националната селекција, со 9 погодоци. Корпулентен, со одлична техника и брзина, Идризу би требало да биде големо засилување за Шкендија и вистински магнет за публиката.

„Ќе дадам се од себе да и помогнам на Шкендија да бележи успеси. Точно е дека играв во многу силни германски клубови, но сега сум посветен на Шкендија. Сите што ме познаваат знаат дека давам се од себе, дека играм од срце. Така ќе биде и во мојот нов клуб“, изјави Идризу, по пристигнувањето во Тетово од редовите на Макаби Хаифа.

idrisu

Проблем веројатно ќе бидат годините, ги има 34, но искуството и квалитетот на Камерунецот не се спорни. Идризу играше за познатите Бундеслигаши Борусија Менхенгладбах, Ајнтрахт Франкфурт, Хановер, Фрајбург и Кајзерслаутерн, дел од нив кога беа во втората германска лига.

Вардар е репрезентација во мало, Пачовски е прва ѕвезда

Вардар продолжува со спроведување на планот да ги враќа актуелните и потенцијални репрезентативци на Македонија, кои се расположени за кам-бек во домашниот шампионат. Зимово во редовите на есенскиот лидер пристигнаа неколкумина, а прва ѕвезда е репрезентативниот голман Томе Пачовски.

„Пристигнав во Вардар пред се поради европските амбиции на клубот. Сакам Вардар да го видиме во Европа и верувам дека со моето искуство ќе дадам придонес во остварување на сонот. Според организацијата во клубот и професионалноста на играчкиот кадар верувам дека ќе успееме“, вели Пачовски.

Од 2007 година тој е дел од репрезентацијата на Македонија, во последните неколку години и стандарден на голот на националната селекција. Пачовски веќе беше дел од Вардар во сезоната 2008/09, а потоа бранеше во силната белгиска лига за Бершот и за Мехелен.

paca

 

Тој ќе му донесе сигурност и искуство на дефанзивниот дел на најтрофејниот фудбалски клуб кај нас и ќе се обиде да го задржи Вардар на врвот со најмалку примени голови во шампионатот. Досега „црвено-црните“ се најдобри во Лигата во тој сегмент со само 10 погодоци во мрежата.

Илијоски е магнет за титули во Работнички

Баже Илиоски е вистински феномен во македонскиот фудбал и по петти пат ќе игра за својот матичен клуб Работнички, откако пак направи кам-бек, овојпат од Тајланд од Бангкок Глас. Напаѓачот е вистински магнет за трофеи со дебармаалци, а со него во тимот Работнички освои по две круни во првенството и во националниот куп.

rabotnicki-vardar-21

Илиоски има 30 години и во својата генерација важеше за еден од најдобрите и најбрзите напаѓачи. Неговата кариера е мошне интересна, а дури 13 пати ја менуваше фудбалската средина. Настапуваше во 8 различни клубови, а дури четири пати се враќа во Работнички, клуб каде ја почна и кариерата. Лани немилосрдно ги тресеше мрежите на противниците, особено играше добро во клучните мечеви против Вардар и беше еден од најзаслужните за двојната круна на романтичарите.

Во својот матичен клуб се враќа во вистински момент, по заминувањето на извонредниот напаѓач Аце Стојков.

Ибричиќ неочекуван подарок за навивачите на Вардар

Сенијад Ибричиќ е неочекуван, но убав подарок за навивачите на Вардар, откако раководството на клубот успеа да го привлече да дојде во Македонија и да го носи „црвено-црниот“ дрес. Офанзивниот играч за врска има одличен рејтинг во светот на фудбалот и беше еден од најталентираните фудбалери од маневарот на просторите на поранешна Југославија. Се афирмираше во фудбалскиот клуб Загреб, па оттаму замина во гигантот Хајдук од Сплит. Во сезоната 2009/10 со одличните игри го заслужи признанието за најдобар играч во хрватската лига, а „сплитските били“ по пауза од 18 сезони повторно имаа лауреат од своите редови.

ibri

Добрите настапи во белиот дрес ги забележа раководството на Локомотив Москва, па Сенијад се пресели во главниот руски град за 5 милиони евра. Таму остана две сезони и се пресели во Турција, каде го носеше дресот на Газијантеп, Касимпаша и на Ерчиеспор. Во Вардар доаѓа како позајмен играч, а има важечки договор со Ерчиеспор на уште една година. На Вардар ќе му донесе креативност и пробојност во средниот ред, а Ибричиќ го одликува одлична техника. Има 29 години, што значи дека е во полна играчка зрелост, а проблем и за него како и за Идризу, па и за останатите зимски засилувања што се на листата најатрактивни е што малку настапуваше во послендиот период.

Нилдо носи магија од Бразил

Бразилците оставија впечатлив белег во македонскиот фудбал, а на игрите и шармот на тамошниот фудбал што успешно на наш терен го пренесуваа Дош Сантош Вандеир, Агиналдо Брага, Рожерио Оливеира, Жилсон да Силва, Роберто Маријано Вашингтон… ќе се обиде да не потсети Виктор Нилдо Јуфо.

Играчот од средниот ред потпиша за Шкендија, ќе игра за тетовци во следните 6 месеци и се очекува да го потврди талентот. Кариерата ја градеше во младинските Академии на познатите бразилски клубови Сао Паоло и Интернационал, а играл и за Бахија.

nildo

Јуфо е офанзивен играч од средниот ред, позиција која беше послаба точка на Шкендија. За 21-годишниот Бразилец вистински предизвик ќе биде да ја организира играта на третопласираниот тим во првенството и ако успее да се наметне, Шкендија има шанса да бие битка за титулата, иако заостанува 8 бода зад Вардар и 5 зад Работнички.

Зима за паметење во мак-фудбалот

Во конкуренција за место во топ-5 секако се и трансферите на Баже Тодоровски од Работнички во Шкендија, потоа и на Стефан Ашковски кој пристигна во истиот клуб како позајмен играч од Партизан, па ангажманот на Дејан Блажевски и на Стефан Спировски во Вардар, на Бујчевски во Металург и уште неколку интересни трансфери што се реализираа во неочекувано богатиот домашен зимски преоден рок. Ваков фудбалски пазар во зимски период оддамна немало во мак-фудбалот што е добра најава за подобар квалитет и враќање на публиката на стадионите низ Македонија.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top