| четврток, 6 декември 2018 |

На „Фејсбук“ сите се убави, привлечни и паметни

facebook-profile-image-judgement-psychology1

Социјалните мрежи уништиле многу врски и бракови, тоа е факт пред кој не треба да се правиме слепи и да го отфрламе живеејќи во заблуда.

Дали е можно тоа? Дали е можно на социјалните мрежи, како е можно тие неколку часа поминати на „Фејсбук“ да растурат света работа наречена љубов, нешто на кое од памтивек се заколнувале многу поети и љубовници?

Можно е, и тоа како, вели основачот на оваа социјална мрежа Марк Цукерберг.

Прво, да се разбереме, јас сум голем поборник за „Фејсбук“, го сметам за одлична алатка за промоција на сопствени идеи, книги и колумни, го сметам како приватен весник на кој паметен човек внимателно ќе одбере само неколку стотици паметни, креативни и интересни пријатели, па со помош на законитоста на појавување на туѓи објави на почетната страница, при секоја посета на „Фејсбук“ на сопствениот ѕид ќе најде паметна, креативна и интересна содржина.

Го сметам за одлична алатка за одржување на односите со многу драги пријатели по целиот свет, ако човек имал среќа истиот тој свет да го пропатува, а се вбројувам меѓу тие среќници.

До една одредена граница, мојот став за „Фејсбук“ е многу позитивен. Но, потоа следи тој раб, таа остра граница по која „Фејсбук“ станува средство за затапување, средство кое ве изморува, а потоа и средство со кое лесно си го упропастуваш животот.

Прво и основно, корисниците на „Фејсбук“ најчесто на својата листа на пријатели додаваат секакви луѓе кои им праќаат барање, па на нивниот ѕид се појавуваат малоумни содржини, им излегуваат линкови на нови хитови на Дара Бубамара и Сандра Африка, статуси во кои корисникот објаснува како вршел нужда во тоалет, огласи за тие онлајн обложувалници и слични чудесии, кои ако не си доволно внимателен, без проблем те носат во очај и глупавост.

Значи, прво затапуваш, а потоа си го уништуваш животот.

Како?

Многу едноставно. На „Фејсбук“ сите се убави, привлечни и паметни. Навистина не се сеќавам макар и еднаш на „Фејсбук“ да видам профилна фотографија на која сопственикот не изгледа добро, т.е. најдобро колку што може да изгледа. Навистина не сум забележал дека некој на „Фејсбук“ се лоцирал од некое јавно место на дожд и кал. Обично на социјалните мрежи сите се огласуваат од Париз, од Доминикана, или некое слично чудесно место. Навистина не сум забележал луѓето колективно да се тагираат од улица, тоа обично го прават во сепареа на фенси клубови, дотерани со напрчени усни, весели и пијани.

На „Фејсбук“ сме сите убави и паметни, нашите животи се интересни, весели сме, патуваме на кул места, слушаме кул музика; колку само животите ни се убави, ние немаме никакви проблеми.

А љубовта е нешто друго, врската е нешто друго, бракот е нешто друго.

Љубовта е света, прекрасна работа, единствена исконска работа поради која всушност вреди да се живее. Љубовта е доверба, разбирање, сигурност, респект и почит.

Но, љубовта повремено или во некои свои сегменти има и друго лице.

Понекогаш, љубов значи партнер без шминка и фризура, љубов значи нечисти чорапи на подот покрај креветот. Љубов значи расправии поради кренат капак на тоалетна школка, љубов понекогаш значи и расправии поради неплатени сметки за греење.

Љубов понекогаш значи криза, а во кризи човек е грешен, слаб и нестабилен.

А да не заборавиме на само еден клик на глувчето далеку се крие профилна фотографија на сопственик кој на неа изгледа добро, т.е. најдобро што може да изгледа. На само еден лесен допир со прст по паметен телефон, се крие тој колега од работа кој токму неодамна се лоцирал од .. ах да, од Париз, или можеби Доминикана… Само една мала порака во инбокс далеку се крие таа слатка мала сосетка која неодамна се тагирала од сепаре на некој фенси клуб, нашминкана, дотерана, весела и пијана.

Во такви состојби Фејсбук е неопасно средство за комуникации. Имено, СМС порака има своја тежина, еднакво како и порака на Wnatsapp, еднакво како и ненадеен клизечки старт со вибер порака. Но, Фејсбук порака е нешто друго, тука сите сме камуфлирани поради тој волшебен збор, кој толку суптилно ги имплементираше господинот Цукерберг, а тој збор гласи – пријател.

Имено, на Фејсбук сите сме пријатели и сите интеракции се одвиваат под превез на тоа волшебно невидливо пријателство.

Е жими мајка сме пријатели.

Сите сме потенцијални предатори.

Па, ако имаш каква било желба да ја одржиш својата љубов топла, а својата врска квалитетна, посебно кога ќе удрат кризи, тргни се бре брате од социјалните мрежи, седни на маса, седни го спроти тебе партнерот и слушни што има да ти каже.

А сигурно има многу да каже.

Имал и претходно, зошто да нема и сега?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top