| четврток, 6 декември 2018 |

Почина новинарот и радио водител Стојан Тренчевски

stojan-trencevski-640x3601-540x304

Почина познатиот новинар и радио водител Стојан Тренчевски, основач и Претседател на граѓанската Асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ денеска во Скопје.

Тренчевски е мошне познат новинар и хроничар со богат век, кого го нарекуваа „Син на Мајка Тереза“. Животната и професионалната биографија на Тренчевски е ретка и неповторлива.

Неговото име е синоним на новинар и радио водител кој целиот свој работен век го посветил на следење на историските настани и личности од денешницата.

Меѓудругото, го следеше ликот и делото на Мајка Тереза, соработуваше со Тоше Проески, а остави печат по преносот што на Македонско радио го изврши на денот на осамостојувањето на Македонија.

Напишаните 20-тина книги, стотици радио репоражи, филмови, интервјуа, фељтони, разговори , тоа се незаборав и времеплов, негов прилог за богатството на македонската журналистика.

Феноменот на Мајка Тереза ќе останеше недоволно познат кај нас доколу Тренчевски не беше првиот новинар пред повеќе од три децении кој почна да го истражува и следи патот и хуманоста на Блажената, и сето тоа да го презентира пред македонската јавност.

Во 1975 година како студент, волонтер на Македонскиот Црвен крст учествувал на собирот на хуманисти на Меѓународен црвен крст во Женева. Тогаш за првпат слушнал, ја запознал, и дознал за големата хуманистка од Индија, родена во Скопје со крстеното име Гонџа Бојаџиу. Понатаму целосно се посвети на ликот и делото на Мајка Тереза. Затоа, како нејзин следбеник го нарекуваа „Син на Мајка Тереза“.

„ Ако родителите, мојата мајка и татко, ме создале и воспитале, добрината и универзалната љубов на Мајка Тереза го исполнуваат мојот живот. Помислата и пораката „ не е важно, прави добро, љубовта може се“ пред мене го поставува прашањето што јас сум направил за радост и среќа на другите. Добрината, хуманоста, човекољубието се возвишени вредности на секое време. Македонија е библиска земја, со многу светци, јунаци, дејци. Секој на свој начин треба да остави траги во своето векување. Мајка Тереза и Тоше Проески се великани на добрината. Среќа е што двајцата се од иста татковина. Во божествените височини нека се грижат за љубовта за да им ја даруваат на луѓето. А хуманист и љубов- никогаш доста“, беа зборови на Тренчевски.

На негова иницијатива, се оствари и неговата идеја и желбата да се изгради спомен куќа на Мајка Тереза во Скопје, како и желбата да се изгради храм на Тоше во родното Крушево.

„Господ сакал, а судбината ми одредила и овозможила, како на репортер и новинар, мојот животопис да биде исполнет со дел од хрониката настани и собитија кои се своевиден летопис на моето време во судбинскиот македонски времеплов. Во своите, речиси 40 новинарски динамични и бурни години и лета, бев исполнет и среќен на работното местор, а посебно место во мојот незаборав имаат радио преносите од собраниските седници на македонскиот парламент за судбинското осамостојување на земјата, од референдумското гласање и прогласување на независноста на Република Македонија на 8 септември 1991 година“, ќе забележи Тренчевски, секогаш со гордост додавајќи дека негово најголемо богатство се рожбите на сопругата Слободанка со која во овој свет и живот се вивнале нивните ќерки Олгица и Магдалена, успешни во земјава и странство.

Неговите пријатели, соработници и почитувачи, со гордост ќе се сеќаваат на делото и ликот на Стојан Тренчевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top