Тешко би можело да се очекува дека имиња како Бентли, Ферари, Астон Мартин, Ламборџини, Бугати и слични супер луксузни и супер скапи автомобили можат да се поврзат со подрачја од земјите од регионот, освен во некои ретки случаи на сопственици на такви автомобилски марки.
Сепак, фирмата Липик Глас од Липик, мал град во централна Хрватска, е најголем светски производител на стакло за супер луксузни автомобили.
Тоа им е основен бизнис кој им носи 80 отсто од приходите, а кој лани изнесувал 9,5 милиони евра.
Дури 98 отсто производи се извезуваат, а освен за авто индустријата, се произведуваат стакла и за возови, јахти, бродови. Се изработуваат блиндирани стакла за финансиски институции како банки и возила за превоз на пари.
Војна, стечај, подем, криза и нов раст
Компанијата, која е во италијанска сопственост, вработува 160 работници, кои примаат плата во просек на просечна хрватска плата, која е нешто над 5.500 куни нето, т.е. околу 700 евра.
Како што вели генералниот директор Данијел Задјеловиќ, производството на стакло во тој регион почнало уште во 19 век, но сериозно производство на базно стакло во плочи почнало во почетокот на 60-тите години од минатиот век.
Во војната во Хрватска, кога српските сили го исклучија гасот, сите печки беа уништени, освен една која беше во ремонт. И таа беше темел за повторно покренување на производството.
Потоа следеше приватизација на фирмата и потоа стечај, а на крајот на 2001 година италијанската компанија Исоклима С.п.А., позната по производство на блиндирани стакла, ја купи фирмата со речиси 200 работници, инвестираше во производството и вработи уште 100 луѓе.
Компанијата уште за време на поранешна СФРЈ работеше со Црвена застава и сараевската фирма ТАС, па во фирмата постоеше дел од опрема за авто индустрија, а со понатамошното вложување се покрена посилен продор на пазарот.
Бентли прв луксузен клиент
Во 2003 година фирмата го доби првиот супер луксузен клиент.
– Тука дојде до контакти со Бентли, кој ни беше прв купувач, бидејќи Исоклима, нашиот сопственик, произведуваше блиндирани Бентли за англиската кралица. Така некаде околу 2004 година почнавме да произведуваме стакло за Бентли. Тоа беа добри времиња кога многу требаше да се инвестира и во опрема, но и во луѓе и инфраструктура… По Бентли дојде Ферари и така приказната доби на замав до денешен ден, сега работиме три модели Бентли, два модела Ламборџини, три модели Астон Мартин, три модели МекЛарен, Бугати, Лотус и други, и стануваме веројатно број еден во светот за такви видови на возила – вели Задјеловиќ.
Компанијата продолжи да се развива се до 2009 година, кога глобалната криза силно ја погоди автоиндустријата.
Работата падна за 50 отсто, базното производство мораше да биде изгасено, а остана обработката на стакло.
Директорите на фирмата се одлучија да се изгаси една печка, со што без работа останаа 50 до 60 работници, но одлуката ја спаси компанијата, вели Задјеловиќ.
Отпуштените работници, колку што можеа, беа згрижени со отпремнина и пензии, па се обидоа да најдат нови пазари, како бродоградбата.
Неколку години подоцна, бројот на работниците беше намален на 160, но компанијата преживеа и повторно застана на нозе.
– Го запревме производството на еден период и се обидовме да се консолидираме. Рецепт е брзо да се реагира, да се исклучат емоциите бидејќи бројките се многу егзактни и емоции тука не помагаат и секако, да се внимава на секој трошок, да се стане поефикасен, да се отстранат сите можни трошоци кои не се важни и навистина тоа кај нас многу брзо даде резултати – вели Задјеловиќ.
Липик Глас, истакна Задјеловиќ, не е и никогаш нема да биде фирма за масовно сериско производство на стакло за автоиндустријата, бидејќи за тоа немаме капацитети.
Освен тоа, тој пазар е многу заштитен, додека во овој сегмент, на пазарната лента до 1.000 или 2.000 од еден тип на автомобил годишни, имаат конкуренција, но со неа можат да се справат. Освен во највисоките формални норми на стандард на квалитетот, за да се преживее на овој сегмент на пазарот, треба прилагодување на барањата на купувачот.
Флексибилноста како начин на опстанок
– Значи, посебно за овие мали серии, купувачите бараат голема флексибилност. Бидејќи вие тоа го правите така да практично од денес до утре да може да се промени некое стакло на автомобил, обликот исто така, и тука се бара страшно брза реакција. Тука е нашата предност, бидејќи ние сме мали и флексибилни, за разлика од големите компании на кои им требаат можеби и шест месеци да произведат такво парче. Ние, на пример, во четири недели, ако треба да брзаме, можеме да испорачаме некое парче – вели Задјеловиќ.
Се работи за специфични производи и проекти, објаснува Томислав Журо, проект менаџер задолжен за автоиндустријата во Липик Глас; и дополнителните барања на купувачите се правило, а не исклучок.
– Она што е важно да се потенцира е дека всушност секоја нова година, секој нов проект поставува некои нови барања, во тој сегмент на пазарот каде купувачот бара нешто повеќе, ние сме подготвени и секогаш гледаме чекор-два понапред и мораме да усвојуваме константно нови технологии – вели Журо.
Накусо, тоа е висока класа на автомобили кои мора да имаат и стакло со висока технологија, за разлика од нормалните серии на автомобили.
Комплексни производи
– Тука се работи за акустични фолии кои ја намалуваат галамата и го зголемуваат комфорот внатре во возилото, разни фолии, тип на производи кои го блокираат УВ зрачењето и со самото тоа се олеснува системот преку климатизацијата и повторно се зголемува лагодноста и комфорот внатре во возилото, како и со разни механички и сигурносни својства кои мораме да ги задоволиме – вели Журо.
Освен тоа, тука се и стакла греени со микрогрејачи, со тенки жици вградени меѓу две стакла кои не се гледаат.
Исто така, во стаклата се вградуваат и антени кои не се гледаат со око. Тука се и многу тенките стакла за потребите на производство на исклучително спортски модели кои треба да бидат што е можно полесни поради перформансите на возилото.
Секое произведено парче посебно се контролира бидејќи никаков дефект тука не поминува, како гребаници или меурчиња, што е прифатливо кај обичните сериски автомобили.
Во почетокот на минатата деценија фирмата во тој сегмент на работењето почна со релативно едноставни производи, но денес тоа се комплекси производи и проекти.
– Денес испорачуваме комплетни склопови, стакло кое на себе има дополнително вградени елементи и кое како таков производ се праќа директно на линија и се монтира на автомобилот – вели Журо.
А за тоа се потребни и доставувачи на дополнителни елементи. Стаклото како суровина се увезува, но доставувачите се бараат во Хрватска.
– Успеавме да развиеме доставувачи внатре во Хрватска, најчесто од Загреб, кои работат на контрола на алатите. Вие мора на секое стакло да ја контролирате формата и алатите за контрола всушност се калапи. Според математички модел на некое стакло се прави калап и потоа секое стакло физички се става во калапот и се преконтролира. Работиме и многу дополнителни делови кои ние ги монтираме на автомобилите, како што се алуминиумските држачи на страничните врати.
Тука се уште и некои други пластични делови кои се вградуваат во стаклата, сензори за магла, жици за спојување на антени, итн., што исто така се произведуваат во Хрватска.
Кога се работи за земјите од регионот, алуминиумските рамки за страничните стакла за возовите на фирмата Бомбардие ги произведува фирмата ФЕАЛ од БиХ и во таа соработка се задоволни. А простор за понатамошен раст и тоа како има – вели Задјеловиќ.
– Целта е да се остане конкурентен на пазарот, да се развива овој сегмент на автоиндустријата кој го имаме и да пробаме да зачекориме во следната категорија на тие автомобили. Значи, не да се произведуваат над 2.000 парчиња годишно за еден модел, туку на пример до 10.000. Значи, следниот сегмент е можеби Порше, кој е исто така врвен и скап автомобил, но кој се произведува во нешто поголеми бројки – вели Здјеловиќ и открива дека неодамна добиле информација дека Џемс Бонд во идниот продолжеток на серијалот ќе вози Астон Мартин со стакла произведени во Липик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст



