| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски во Минхен се сретна со Нуланд и Ал Сабах

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, кој учествува на 51-та Минхенска безбедносна конференција, оствари повеќе билатерални средби.

Како што соопшти МНР, во рамките на Конференцијата, министерот Попоски учествуваше на работниот ручек во организација на претседателот на Конференцијата Волфганг Ишингер, на кој се дискутираше за новите иницајативи и пристапи за решавање на политичката, безбедноснта и економската криза во Евро-атлантскиот регион.

За време на престојот во Минхен, министерот Попоски оствари средба со заменик премиерот и министер за надворешни работи на Државата Кувајт, Ал-Калид Ал Хамад Ал Сабах.

На средбата се разговараше за интензивирање на билатералните односи помеѓу двете земји, за зголемување на соработката во рамки на економската сфера и можностите за воспоставување редовна комуникација помеѓу бизнис заедниците. Министерот Попоски се сретна и со Викторија Нуланд, помошник на државниот секретар на САД, со која разменија мислења за политичко безбедносната состојба во Евро-атлантскиот регион, како и за подрачјата кои се соочени со безбедносни предизвици.

На маргините на Конференцијата, министерот Попоски оствари неформални средби со своите колеги министри и други истакнати дипломати од земјите членки на ЕУ, регионот и светот.

На Конференцијата учествуваа повеќе од 300 политички лидери и експерти, кои расправаа за современите безбедносни предизвици и актуелни теми посветени на зачувувањето на мирот и безбедноста на глобално ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top