| четврток, 6 декември 2018 |

ИД тврди дека во јорданскиот воздушен напад е убиена американска заробеничка

Милитантната исламистичка група Исламска држава (ИД), тврди дека во последниот воздушен напад,што го извршија авиони на јорданското воено воздухопловство,во реонот на сирискиот град Рака, е убиена Американката Кајла Џин Мулер, која подолго време се наоѓа во заробеништво кај џихадистите.

Во соопштението на ИД издадено на интернет,нема никакви детали за ваквото тврдење,освен објаснувањето дека таа загинала кога бомбите ја погодиле зградата каде Џин Мулер била затворена.

Белата куќа во Вашингтон изрази „загриженост„ околу судбината на заробената Американка,но во соопштението се вели дека САД,засега,немаат потврда за тврдењето на ИД.

Јорданската влада соопшти дека исто така го испитуваат соопштението на џихадистите.

Властите во Аман,потврдија дека нивни воени авиони,учествувале во воздушниот напад врз градот Рака и неговата околина.Овој град во североисточна Сирија, важи за силно упориште на џихадистите и се смета за „главен град„ на исламскиот калифат на ИД.

Нападот е извршен како одмазда на Јордан за бруталната егзекуција на нивниот пилот Моаз ал Касасбех,кој беше жив запален,затворен во кафез.Јорданските власти најавија дека ќе продлжат со своите акции против џихадистите и ќе го интензивираат своето учество во воздушните напади врз упориштата на ИД.

Министерот за надворешни работи,Насер Џудех,изјави во Аман дека не верува во тврдењето на Исламска држава оти Американката загинала како последица на јорданското бомбардирање.

„Станува збор за стар и болен трик на терористите кои секогаш ставаат пред себе, жив штит од невини луѓе,обично заробеници„-напиша на Твитер министерот Џудех.

Во интернет соопштението на ИД се споменува „загинувањето на заробената Американка„ но нема ништо за жртвите меѓу џихадистите.

Доколку се покаже точно тврдењето на ИД,Кајла Џин Мулер ќе биде четвртата американска жртва,ликвдирана од џихадистите,по новинарите Џејмс Фоли и Стивен Сотоф,како и хуманитарниот активист Питер Касинг.

Џин Мулер (26) е дипломец на Универзитетот Северна Аризона.Таа во 2012 година заминала за Турција,каде на турско-сириската граница им помагала на бегалците.Милитантните исламисти ја заробиле додека престојувала во Алепо,во 2013 година, кога џихадистите од ИД се уште беа дел од вооружената сириска опозиција,помагана од Западот,во борбата за насилно соборување на претседателот Башар ал Асад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top