Европа во 2015 година би можела да се соочи со политички земјотреси – тоа го говорат заклучоците од истражувањето на „Економист интелиџенс јунит“ за Денот на демократијата на „Би-Би-Си“.
Според истражувањето, сè поголемиот замав што го земаат популистичките партии може да им донесе изборна победа, што ќе ги присили партиите од центарот да се здружуваат во коалиции што не им паѓале на памет.
„Jазот меѓу елитата и гласачите е причина за ’кризата на демократијата‘ во Европа. Сè подлабок е јазот во срцето на европската политика, каде што, всушност, треба да бидат големите идеи“, заклучува „Економист интелиџенс јунит“.
Слабиот одѕив на изборите и вртоглавиот пад на бројот на членови на традиционалните партии се клучни фактори за овој феномен.
Растечка дестабилизациjа
Изборите во Обединетото Кралство се закажани за мај, а кралството е на прагот од можен подолг период на политичка нестабилност, велат истражувачите и додаваат дека има голема можност изборите да резултираат со нестабилна влада, предвидувајќи дека британската популистичката партија УКИП ќе им собере гласови и на конзервативците, и на лабуристите.
Поделбата на гласачите, во комбинација со британскиот избирачки систем, крајно го отежнува формирањето еднопартиска влада со парламентарно мнозинство.
Сепак, Грција е најскорашен пример за политички предизвик и сведоштво за веројатен изборен успех на залетаните популистички партии. Предвремените општи избори на 25 јануари беа последица од неуспешниот обид на парламентот да избере нов претседател во декември.
Ако СИРИЗА успее да формира влада, тоа би ја разбранувало Европската унија и ќе биде катализатор на политички немири.
„Ако СИРИЗА формира влада, тоа ќе биде многу дестабилизирачки момент и за земјата, и за регионот. Извесно е дека ќе следува криза во односите меѓу Грција и меѓународните доверители бидејќи мерката за отпис на долгови е еден од носечките столбови на политичката платформа на партијата. Слични партии земаат сè поголем замав и во многу други земји во кои се закажани избори во текот на 2015 година, па така превирањата во Грција може да предизвикаат значаен и долготраен домино-ефект“, пишува „Економист интелиџенс јунит“.
Имиграциjа и сиромаштиjа
Други примери на европски избори со можност за непредвидени резултати се тие што ќе се одржат во Данска, Финска, Шпанија, Франција, Шведска, Германија и во Ирска.
„Сите тие земји имаат нешто заедничко – подем на популистичките партии. Низ целата еврозона (како и низ цела ЕУ) веќе се чувствува отпор против поредокот, а расте ризикот од политички превирања и можни кризи“, пишува „Економист интелиџенс јунит“.
Според нивната анализа, популистичките партии и движењата на левицата, десницата и неопределените гласачи тежнеат да го пополнат процепот што се појави меѓу старите политички партии и нивните традиционални општествени основи. Противењето на власта во Брисел, имиграцијата и сиромаштијата се клучните теми, кои ги обединуваат криците на таквите партии.
Кревање протести
Паралелно со подемот на популистичките партии, во многу делови од светот во последните години народот сè почесто се крева и на протести.
„Економист интелиџенс јунит“ проценува дека значајни протести имало во повеќе од 90 земји во последните пет години, а претежно се иницирани од млади, образовани поединци од средната класа, кои ги презираат нивните политички лидери и ги претпочитаат „Твитер“ и другите друштвени мрежи место политичките говорници.
Во изминатите години се кренаа народни протести низ Европа, Средниот Исток, Северна Африка и Латинска Америка. Другите региони – како Азија и Северна Америка – беа помалку изложени на протести, иако не беа целосно поштедени.
Главните причини за протестите се менуваат од одговор на економската криза, револтираност од диктатурата, желба политичките елити да го слушнат гласот на народот, а во некои случаи се и олицетворение на стремежот за создавање нова средна класа во брзорастечките земји.
Сите тие случувања го наметнуваат прашањето дали тие, навистина, се закана за демократијата или, пак, се доказ дека таа е здрава и жива.
Ако претпоставиме дека Арапската пролет е отскочната штица за демократијата во регионот, кој беше познат по нејзино отсуство, досегашниот резултат ќе се сведе на минимална демократска промена и на големи немири.
Влијанието, пак, на продемократското движење во Хонгконг допрва треба да излезе на виделина. Тамошните демонстранти ги одбиваат предлозите на Пекинг за начинот на кој Хонгконг би го избирал својот лидер, оценувајќи ги како „лажна демократија“.
А, пак, во најнаселената земја во светот, западната демократија не се ни наѕира. Прашање е дали таквото уредување може бескрајно да трае во време кога низ цела Азија никнуваат демократски трендови и во време кога се зголемува средната класа во Кина.
Засега, непредвидливата судбина на „старите“ демократии, несомнено, ќе биде под лупата на влади и на активисти од сите светски политички нијанси.
Извор | „Би-Би-Си“
Превод | Марија Манасиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.