Формирањето финансиски зони во Македонија ќе донесе многубројни економски придобивки за државава, но и за граѓаните. Со нивното отворање ќе се привлечат нови инвеститори, ќе се отворат нови работни места, ќе има трансфер и на пари и на знаење, што заедно ќе овозможи напредок на земјава на сите полиња. Инаку, за да се формираат финансиските зони треба да се промени и Уставот, процедура што е веќе почната во законодавниот дом. Најверојатно, на местото на старата касарна „Илинден“ ќе никне нова финансиска зона. На дел од просторот на воените бараки и полигони ќе се градат модерни деловни центри. Во деловно–административни згради и придружни услужни објекти треба да се сместат банки, осигурителни компании, инвестициски фондови во чијшто фокус нема да биде домашниот, туку меѓународниот финансиски пазар. За да привлече колку што е можно поголем број од ваквиот вид корпорации, Македонија ќе конкурира со даночни поволности и квалификувана работна сила. Работата, според највисоките меѓународни финансиски стандарди, треба да ја позиционира земјава на глобалната финансиска мапа. Придобивките ќе бидат повеќекратни.
– Во финансиските зони би требало да се отворат канцеларии на странски финансиски организации: банки, осигурителни друштва и слично. Во нив и преку нив странските финансиски организации ќе вршат насочување (диспозиција) на свои финансиски средства низ разни делови на светот, место тоа да се врши само од местата каде што се наоѓаат нивните централи и каде што даночните стапки за тие трансакции се високи. Тие активности ќе се оданочуваат, но со ниски даночни стапки заради поттикнување нивно отворање и вршење финансиска активност во Македонија и преку неа. Тоа значи дека не се очекува голем директен ефект од зоните. Но таму ќе се отворат работни места за наши, домашни сметководители, адвокати, нотари и други кадри. Тоа значи дека тие зони ќе го зголемат бројот на вработени, кои, пак, ќе примаат плата, ќе ѝ плаќаат разни давачки на државата, што ќе има индиректен фискален ефект. Во тие зони редовно ќе доаѓаат многубројни претставници и клиенти на странските финансиски организации, кои во земјава ќе трошат на начин на кој тоа го прават туристите (авионски превоз, хотелско сместување, пансионски и вонпансионски трошоци) – вели професорот на Американ колеџ Скопје, Томе Неновски.
Според него, за да се избегне каква било форма на сомнеж и евентуална појава на некакво перење пари, потребно е основањето на зоните да биде придружено со соодветно квалитетно законодавство, какво што се применува во други земји каде што има такви зони, на пример во Луксембург.
– Во секој случај, самата идеја за уставно регулирање на основањето слободни финансиски зони ја исклучува можноста за нивно претворање во пералница за пари затоа што, во спротивно, тоа би ги урнало достоинството и интегритетот на државата. Од друга страна, од стратегиска гледна точка, може да се оцени дека отворањето слободни финансии и функционирањето на многубројни странски финансиски организации во нив ќе значи точно тоа, заштита на интегритетот на државата – додава Неновски.
И стопанствениците се со позитивни очекувања од отворањето на финансиските зони.
– Се очекува финансиските зони во Република Македонија да донесат трансфер на знаења и на вештини, во одредени сектори да влијаат на зголемување на платите, да ја намалат невработеноста, но и да придонесат за дополнителен пораст на БДП на Македонија. Овие слободни финансиски зони ги има во многу земји, во САД, Англија, Луксембург и во државите во кои се воспоставени има висок економски пораст. Сметаме дека со воспоставувањето финансиски зони и кај нас ќе има значително зголемување на економскиот пораст, врз основа на правилата што ќе бидат воспоставени во самите зони. Многу е важно дека не само деловниот сектор, туку и воопшто секој поединец што е квалитетен и квалификуван ќе може да го најде своето место во финансиските зони – смета Данела Арсовска, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија.
За идејата за отворање меѓународна финансиска зона во Македонија се зборува одамна, но сега таа станува и реалност, преку уставните измени влезени во собраниска процедура и преку најавата на премиерот Никола Груевски за идејата, која веќе добива конкретна форма на реализација.
– Нашата идеја е да направиме меѓународна финансиска зона во Скопје. Тоа ќе бидат канцеларии во кои ќе привлечеме меѓународни финансиски институции, банки, осигурителни друштва – изјави Груевски.
Според него, две работи треба да бидат сериозен магнет за меѓународните компании.
– Едната е да важат закони што важат во најкредибилните земји во кои одат финансиите, како Англија, Луксембург и слично. Втората е да има многу ниски даноци. Упростено кажано ,англиски закони со многу ниски даноци. Тоа очекуваме дека би ги привлекло некои од меѓународните финансиски институции тука да ги отворат своите главни седишта и од тука да ги раководат дел од своите операции – рече Груевски.
Државата, како што посочи премиерот, директно нема да има голема добивка од нив во смисла на даноци, бидејќи даноците ќе бидат многу ниски.
– Тие компании ќе вработат луѓе, ќе ги тренираат вработените да работат по меѓународни стандарди. Тие компании ќе ангажираат адвокати од тука, сметководители… Тие компании ќе купат имот. Тоа се богати луѓе, кои ќе доаѓаат и ќе има страничен ефект на нивно трошење – објасни Груевски.
Според него, на сите им се на располагање исти услови, што значи дека и домашните компании ќе можат да дојдат во зоните ако ги исполнуваат условите, а таму се бара производство на повисока технологија.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 126. број на неделникот „Република“, 30.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст