На иницијатива на шоуменот Бојан Јовановски – Боки 13, а во соработка со Црвениот крст и Универзална сала, следната недела, на 15 февруари со почеток во 20 часот ќе се одржи хуманитарен перформанс. Со средствата собрани од билетите, кои чинат 250 денари, ќе се донираат апарати за домаќинство и пари за обнова на домовите и помош на жителите погодени од поплавите низ Македонија.
На концертот покрај Боки 13 со свое стенд-ап шоу , ќе настапат и Тамара Тодевска, „Некст Тајм“, Наум Петрески и најверојатно Каролина Гочева, чие учество треба да биде потврдено денес. Боки 13 вели дека списокот е отворен за секој оној кој сака да учествува.
– Го организирам концертот бидејќи чувствувам потреба тоа да го направам. Помогнав кога лани имаше поплави во Србија и во БиХ, се разбира дека ќе помогнам и сега, иако овие поплави не се сериозни колку што беа тие кај нашите соседи, но сепак се работи за домови и луѓе на кои им е потребна помош – изјави на денешната прес-конференција Боки 13.
На прашањето зошто не се организира поголем концерт, пример во салата „Борис Трајковски“, каде што се организираше за помош на поплавените во Србија и во БиХ, Боки 1 вели дека смета дека неговите можности се толкави.
– Толку ми е капацитетот. Да беше до мене картите би биле далеку поскапи, бидејќи Универзална, сепак, бери 2.000 публика. Но, верувам дека во ова време ретко кој ќе може да си дозволи нешто поскапо – вели Боки.
Тој апелира до граќаните да не донираат облека, бидејќи уште од претходните донации Црвениот крст располага со 60 тони на облека.
– Разбирам дека сакате да помогнете, но вашата износена облека не е потребна. Донирајте производи за хигиена, вода, апарати за домаќинство и слично – вели Јовановски.
Боки апелираше и до компаниите да се вклучат во кампањата за солидарност.
Донирајте за поплавените во Македонија!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.