Просториите на едно ромско здружение во Малме, Шведска, ноќеска беа мета на напад со шишиња со запалива течност, пренесе МИА .
Едно од шишињата почнало да гори, но во просториите се наоѓало едно лице што успеало да го изгаси огнот, посочуваат од полицијата во Малме. Засега нема осомничен за нападот, а нема ниту податоци од можни очевидци на инцидентот.
Инаку, вчера беа објавени резултатите од најновото истражување кои покажуваат дека многу шведски Роми имаат силна недоверба кон органите на власта, посебно кон полицијата. Тоа го констатира комисија која во текот на минатата година интервјуирала поголем број Роми низ цела Шведска за да ги утврди фактите како тие ја доживуваат својата секојдневна ситуација во општеството.
Споменатата комисија беше формирана по откривањето на контроверзниот регистар на Роми воден од страна на полицијата во Малме. И во овој најнов извештај е присутна критика токму против шведската полиција, која, на пример, одвреме-навреме сѐ уште распишува потерници по лица со „ромски изглед“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


