Патниот правец Кочани – Македонска Каменица е во целосен прекин за секаков вид моторни возила поради големи одрони на камења и се пренасочува преку Виница – Берово и Делчево.
Како што информира АМСМ, од 1.15 часот по полноќ во целосен прекин е и магистралниот пат А3 Штип – Делчево поради одрон од земја на местото Драката, атар на Виница, и е пренасочен по Р 2345 преку село Бигла.
На патниот правец Катланово – Велес, по наплатната станица Сопот, поради голем одрон, сообраќајот се одвива по една сообраќајна лента, за што е поставена и сообраќајна сигнализација.
Поради голем одрон на патниот правец Р-2132 Македонски Брод – Скопје, поточно Близанско – Козјак на 1,6 километар по браната, има забрана за сообраќај за секаков вид на моторни возила.
Сообраќајот на патниот правец клучка Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излевање на река Вардар на коловозот.
На влезот на Богданци од правец на Гевгелија, во должина од 300 метри, сообраќајот е во прекин поради експлозија во фабриката за полнење гас. Во моментов, сообраќај се одвива по стариот пат.
Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница. Алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево – Тработивиште.
Во општина Пробиштип, поради свлечиште и натаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.
Локалниот пат за село Покрајчево, кој го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш – Струмица, поради излевање на Радовишка Река, сообраќајот е во прекин и се одвива преку с. Подареш – Радовиш.
Регионален патен правец од село Тополчани кон село Клепач поради премногу вода е во прекин за секаков вид на сообраќај.
Патниот правец Битола – Старавина Р-1311, осум километри пред село Новаци е затворен за сообраќај поради висок водостој.
Сообраќајот на сите други државни патишта се одвива без забрани, по наместа влажни коловози. Појава на магла со видливост до 20 метри има на патниот правец кон Попова Шапка.
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците што минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде што е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.