| четврток, 6 декември 2018 |

Јанакиески: Мобилизирање на кризните штабови пред новите дождови

janakieski

Водостојот на реките се намалува, но мора да се направат подготовки поради најавите за нови врнежи од дожд и снег за утре попладне, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој беше во посета на поплавеното подрачје на Црна Река кај Тополчани и кај Кадино Село, каде Градската река го проби коритото и е излеана во Прилепско поле. Јанакиески претходно беше и во општина Новаци.

Според метеоролозите, меѓу подрачјата кои ќе бидат под влијание на новиот бран на дожд и снег е и пелагонискиот.

На местото каде што е излеана Градската река денеска вработените во прилепските јавни претпријатија правеа насип да ја вратат водата во коритото.

janakieski 2

Јанакиески посочува дека во овој период сите општини ги санираат штетите од поплавите. Се прават насипи, водостојот во акумулациите се намалува, а кризниот штаб будно ја следи ситуацијата.

– Алармираме сите општини, како што тоа го прават Новаци, Битола, Прилеп да ги активираат своите кризни штабови и да активираат повеќе луѓе кои ќе работат на насипи, пред се, за заштита на куќите, на добитокот – рече министерот.

Апелираше до сите жители на Македонија да ја покажат својата хуманост и со вртење на телефонските броеви што ги објави Црвениот крст да донираат по 100 денари или директно да уплаќаат на жиро сметка.

janakieski 3

Според Министерот за транспорт и врски последната бројка покажува дека се поплавени стотина куќи.

– По последниот, вчерашен податок, 100 куќи во земјава се целосно поплавени, но има уште повеќе поплавени дворови, а непрегледни се површините земјоделско земјиште под вода – вели Јанакиески.

Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески денеска главно се прават и одржуваат насипите. Последните два дена се правеа насипи на Црна Река, а денеска на Градска река кај Кадино село каде е пресечено коритото.

– И денес екипите на „Комуналец“ и на војската работат на насипите, нивно одржување и правење нови, како што е случајот на Градска река. До вечер ќе бидат затворени пресеците на коритото – вели Ристески.

janakieski 4

Општинската комисија ќе излезе на терен за процена на штетите од поплавите, а санацијата на инфраструктурата ќе биде откако водата ќе се повлече.

Во Центарот за јавно здравје готови се резултатите од земените мостри вода за пиење од бунарите и локалните водоводи во Прилепско, Кривогаштанско, Долненско и Крушевско.

Како што објаснува директорот на центарот Гоце Ингилизов освен во двата случаи на загадени јавни чешми во селото Крушеани, засега нема неисправна вода, но е заматена. Водата од регионалниот систем „Студенчица“ е исправна.

– Резултатите покажаа, освен во двата случаи со јавните чешми, кои не се во системот за пиење во Крушеани, во населените места во регионот нема бактериолошки неисправна вода. Во најголем случај е заматена и секако, без исклучок водата мора 10 минути да се преврива. Се прават контроли во градинките и училиштата за да се забележи ако има отсуства на децата -изјави Ингилизова.

Освен неколку пријави, засега епидемиолошката здравствена состојба е мирна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top