Состојбата со поплавите во Битолско сѐ уште е неизвесна, но се подобрува, соопшти денеска Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Сите јавни претпријатија на општините се ангажирани за правење насипи. Со пробивање на патот се спаси село Новаци од поплавување, водостојот сѐ уште се одржува на приближно исто ниво, како и во текот на вчерашниот ден. Продолжуваат активностите со багери и со дополнителни 500 вреќи од битолското подрачно одделение на Дирекцијата.
Новиот снег повторно предизвика прекин во електричната енергија во општина Пласница. Поради топењето на снегот, водостојот на реките во Македонски Брод се со благо покачување.
Според ДЗС, водотеците на реките на територијата на општините Штип и Карбинци полека се нормализираат. Поради поплавување на бунарите за пиење вода, водата во Штип сѐ уште не е за пиење. Во Ново Село река Брегалница е во рамки на своето течение и нема поплавување куќи. Градежните машини сѐ уште се активни во санирање на речните корита.
Реките во општините Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево се во опаѓање освен Брегалница која е на повисоко ниво, но без опасност од излевање. Водата сѐ уште не е за пиење. Мостот на река Брегалница на потегот Кочани – Зрновци е забранет за моторни возила и за пешаци. Патот за село Прибачево од страна на село Оризари е во прекин. Општина Зрновци комплетно е отсечена од Кочани. Жителите на општина Зрновци користат алтернативни патишта. Градежната механизација која е ангажирана од Дирекцијата за заштита и спасување сѐ уште е активна.
Реките во општина Пробиштип се во опаѓање, каде што се врши подготовка за транспорт на градежната механизација во село Трипатанци за санирање на насипот од левата и десната страна на Злетовска река.Свлечиштето на регионалниот пат Киселица – Злетово е се уште активно и сообраќајот е во целосен прекин.
Во реонот на Општина Кичево од денеска се вклучуваат 5 градежни машини за расчистување на наврнатиот снег на правците према Битола, Охрид, Рабетинска Река, реонот на Зајас и реонот на Осломеј.
Водостојот на територијата на Општина Радовиш е во благо опаѓање освен на река Крива Лакавица и на Радовишка Река во подрачјето на селата Јаргулица, Покрајчево и Злеово кои се со висок водостој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.