Општините да ги активираат кризните штабови во пресрет на најавениот нов бран врнежи од утре попладне, а граѓаните и компаниите да помогнат на поплавеното население со донации преку отворената сметка на Црвениот крст и со телефонски јавувања, апелира денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
При посета на поплавените подрачја во општина Новаци, Јанакиески на средби со жителите разговараше за дополнителна помош и поддршка и најави дека ќе се донесат повеќе пумпи за да се извлече водата од дворовите.
Општините, според Јанакиески, треба да ги активираат кризните штабови и да се подготват за утрешниот ден бидејќи се очекуваат и до 30 литри дожд на квадратен метар, кој ќе биде обилен.
– Треба да се подготват на истите територии како што беше и пред неколку денови. Во постојана координација сме и веднаш по повлекувањето на водата ќе сe врши дезинфекција и дезинсекција за да го заштитиме населението од заразни болести – изјави Јанакиески.
На останатиот дел од територијата на државава, додаде, состојбата се смирува, реките се повлекуваат, се намалува водостојот во браните, но важно е подготвени да го дочекаме утрешниот бран, а потоа ќе продолжиме со сите неопходни мерки што ги налага самата ситуација на терен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.