| четврток, 6 декември 2018 |

Неколку патни правци непроодни поради одрони, поплави и свлечишта

одрониПоради голем одрон на патниот правец Р-2132 Македонски Брод – Скопје, поточно Близанско-Козјак, на 1,6 км по браната, има забрана за сообраќај за секаков вид моторни возила, информираат од АМСМ.

На патниот правец Катланово – Велес, по наплатната станица Сопот, поради голем одрон сообраќајот се одвива по една сообраќајна лента, за што има поставено сообраќајна сигнализација.

Сообраќајот на патниот правец клучка Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излевање на река Вардар на коловозот.

Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Трботивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница.

На патниот правец Демир Капија – Корешница е воведена забрана за сообраќај на лесни возила поради излевање на реката Вардар на коловозот.

Во општина Пробиштип, поради свлечиште, и натаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.

Поради зголемување на нивото на реката Брегалница, превентивно е затворен патниот правец од Ново Село кон Радовиш.

Сообраќајот на локалниот пат за с. Покрајчево, кој го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш-Струмица, поради излевање на Радовишка Река, е во прекин и се одвива преку с. Подареш-Радовиш.

Регионален патен правец од с. Тополчани кон с. Клепач поради премногу вода е во прекин за секаков вид сообраќај.

Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива по влажни коловози.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде што е можна почеста појава на одрони.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top