Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ја посети општина Чешиново -Облешево каде на лице место се запозна со состојбата по поплавите и мерките што ги презема општината за санирање на последиците.
– За потребите на поплавените подрачја во Република Македонија отворивме телефонски броеви за донација на средства, како и жиро сметки за донација од страна на граѓани и правни субјекти. Очекуваме во оваа акција да се вклучи и дијаспората. Во општина Чешиново- Облешево во пет населени места е целосно забранета водата за пиење од бунарите и пумпите и на жителите им се дели флаширана вода. Досега се донирани околу 30 илјади литри флаширана вода од страна на производителите на вода во државата, истакна Спасов.
Потенцира дека продолжува да се следи состојбата во поплавените населени места и да се интервенира онаму каде што е најпотребно. Во општина Чешиново- Облешево се регистрирани седум семејства на кои им е потребна помош. Општинскиот центар за социјални работи и Црвениот крст ќе им помогнат на загрозените.
-За почеток ќе им се донираат пакети храна, облека и средства за хигиена, а подоцна и бела техника и мебел во зависност од потребите, рече Спасов.
Министерот информираше дека досега во поплавените подрачја во Република Македонија се регистрирани 100 семејства на кои им е исплатена еднократна парична помош за почеток.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.