
Рускиот енергетски гигант „Газпром“ реши да го прифати барањето на партнерите од Турција за изградба на гасоводот „Турски тек“ по трасата што беше предвидена за проектот „Јужен тек“, објави „Рускаја газета“.
Весникот потсетува дека според планот, гасоводот „Турски тек“ би требало да биде завршен до 2020 година, од кога „Газпром“ планира да ја запре со дистрибуцијата на гас преку територијата на Украина.
„Турскиот тек“ треба да има капацитет од 63 милијарди метри кубни гас годишно и преку него ќе се транспортира „синото гориво“ од Русија за Турција.
Со изментите во планот за негова изградба, „Турски тек“ во должина од 660 километри по дното на Црноот Море ќе оди по трасата што беше предвидена за „Јужен тек“, а ќе бидат изградени уште 250 километри дополнителен коридор кон европскиот дел на Турција, речиси до границите со Бугарија и Грција.
Според руските енергетски експерти, „Газпром“ бил принуден да излезе во пресрет на барањата на турските компани, иако првобитната идеја на компанијата беше „Турски тек“ да оди паралелно со гасоводот „Син тек“, што би било поевтина варијанта за неа.
Морската делница од „Турски тек“ ќе ја гради самостојно „Газпром“, додека во изградбата на копнената траса ќе учествува и турската компанија „Ботас“.
Засега се уште не е постигнат договор за цената на гасот што ќе се дистрибуира преку „Турски тек“, бидејќи Турција бара пониски цени за 15 проценти од пазарните, што претстава значително голем попуст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


