Општините Могила и Новаци се под вода. На пет места е пробиен насипот на река Црна и водата неконтролирано истекува. Алармантна е состојбата во Битолско, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Во општина Могила загрозени се Вашарејца и Ношпал, каде се испратени два багера, а во општина Новаци од изутрината е ангажиран уште еден багер за помош за справувањето со поплавите, покрај 15 припадници кои се ангажирани од ПОЗС Битола. Во Новаци има поплавени куќи и штали.
Водотеците на реките во општините Штип и Карбинци се нормализираат, водата опаѓа во реките во Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево освен водостојоат на Брегалница кој е на повисоко ниво, но без опасност од излевање.
Во Штип и Карбинци поради поплавување на бунарите, водата се уште не е за пиење, додека во Ново Село реката Брегалница е во рамките на своето течение и нема поплавување на куќи. Градежните машини се уште се активни во санирањето на речните корита.
И во Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево водата се уште не е за пиење. Мостот на реката Брегалница на потегот Кочани-Зрновци е забранет за користење за моторни возила.
Во општина Пробиштип се врши подготовка за транспорт на градежната механизација во село Трипатанци за санирање на насипот од левата и десната страна на Злетовска Река.
Дирекцијата за заштита и спасување има ангажирано 56 градежни машини на повеќе места. Континуирано ја следи состојбата на критичните места и доколку има потреба подготвена е да преземе соодветни мерки за заштита и спасување со ангажирање тимови и единици, како и за ставање во употреба на пумпите за исцрпување вода, за обезбедување и поделба на вреќи со песок за правење одбранбени насипи, ангажирање градежни машини за интервенции на речните корита, расчистување на тесните грла околу мостовитео.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


