Шпанија ја тресе најголем педофилски скандал во нејзината историја! Вчера суд во таа земја казни поранешен шампион во карате со 302 години затвор поради силување на неколку десетици ученици во својата школа.
Фернандо Торес Баена на Канарските Острови, организирал оргии со малолетници во школата за карате во Лас Палмас. Тој им кажувал на своите ученици дека поради сексот ќе бидат подобри во карате, изјавил судијата Салвадор Алба, читајќи ја пресудата.
Тој Торес го осудил на 302 години затвор по пет точки поврзани со сексуално насилство и 13 точки кои се однесувале на вклучување малолетници цо педофилска мрежа во која биле малтретирани 40-тина деца, од кои некои биле помлади од 13 години.
Во скандалот не бил вмешан само тој туку и неговата сопруга и една учителка по карате. Сопругата Марија Хозе Гонзалес е осудена на 148 години затвор, а учителката на 126 години затвор.
Сите тројца најверојатно ќе одлежат најмногу 20 години затвор, бидејќи тоа е максималното време што може да се мине зад решетки според шпанските закони. Судијата Алба во пресудата кажал дека тоа не е доволно.
Тој истакнал дека Торес во оргиите ги наведувал учениците на сексуални односи со него, но и меѓу себе, без оглед на нивната возраст, пол или бројот на ученици во таквите случки.
Една од жртвите во септември 2012 година пред судот изјавила дека Торес сексуално ја малтретирал кога имала само девет години, додека мајка ѝ умирала од тешка болест.
Психолозите заклучиле дека Торес не е ментално болен и го опишале како манипулативна личност и „патолошки нарцис“, кој тежнее да ја задоволи својата потреба да биде уважуван.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.