Пелагонискиот кризен штаб на општините Битола, Могила и Новаци попладнево одлучи вечерва да биде затворен дел од коритото на реката Драгор, односно кракот кој минува крај селото Карамани.
Според градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, оваа одлука ќе овозможи да се спречи поплава на уште едно битолско село од надојдените води на реката Црна.
– Се договоривме еден од истеците на реката Драгор што се движи покрај селото Карамани да биде затворен и тоа ќе го направиме, а на барање на градоначалникот на општина Новаци ќе интервенираме на деветтиот канал во Пелагонија. Информирани сме дека кај селото Радобор се формира едно големо езеро и затоа попладнево ќе извршиме подигнување на речното корито со што ќе спречиме надојдената вода да тече кон селото Карамани, истакна Талески.
На состанокот на Пелагонискиот кризен штаб беше посочено дека деветтиот пелагониски канал кој е пробиен создава најголеми проблеми и поплавува земјоделски површини, но благодарение на веќе изградените одбранбени појаси во селата Гнеотино, Новаци и на други места оневозможено е поголемо навлегување на водата во куќите и ошетување на имотот.
-Штетите врз земјоделските површини се огромни. Доколку водата се задржи повеќе од седум дена над секоја засеана површина таа се уништува, бидејќи растението неможе да дише. Тоа значи дека кај над 50 отсто од есенската сеидба, која беше навреме завршена постои опасност и целосно да биде уништена, истакна Илија Србиновски, раководител на ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


