| четврток, 6 декември 2018 |

Реакции од македонската дијаспора во Германија и во Шведска за акцијата „Пуч“

Zaev izjava PUC (6) (Custom)

Реакции со осуда по повод акцијата „Пуч“ во која се осомничени четири лица меѓу кои и лидерот на опозициската СДСМ денеска пристигнаа од заедниците на Македонците во Германија и Шведска.

Македонскиот Клуб “Илинден” од Лаацен-Хановер, Сојузна Република Германија, преку соопштение ги осуди постапките на лидерот на СДСМ, со оценка дека им нанесува штета на државните интереси и ги повредува правата и слободите на граѓаните.

– Македонскиот клуб “Илинден “ Лаацен-Хановер изразува загриженост од повредата на правата и слободите на граѓаните во Република Македонија со најавите од масовно прислушкување и јавно преслушување на приватните комуникации, како и од можното инволвирање на странска разузнавачка служба која вршела такви незаконски дејства против македонските државјани. Политиката на закани и уцени го нарушува угледот на државноста и најмногу им одговара на непријателите кои работат на непризнавање на државното име и уништување на македонското државно име, идентитет, јазик и култура, стои во реакцијата.

Македонците во СР Германија, се наведува, се згрозени од постапките на лидерството на Социјалдемократскиот Сојуз заради штетите по угледот на државата дома и пред меѓународната заедница.

– Лидерот на најголемата опозициска партија наместо своите легитимно избрани пратеници да ги внесе во светилиштето на демократијата, Собранието на Република Македонија, на најнедоличен начин со уцени и закани, под директива на тајни странски служби кои работат на уништување на нашата татковина, го уценува целиот државен врв, го уценува македонскиот народ. Ние, Македонците, кои живееме во Сојузна Република Германија апелираме до сите граѓани на Република Македонија да се воздржат од обиди за нарушување на јавниот ред и мир заради обвиненијата против четирите лица во полициската акција „Пуч“ кои се во истражна и судска постапка и очекуваме јавен и транспарентен судски процес против обвинетите, се вели во соопштението.

Иселениците во кралството Шведска, во соопштението во врска за последните настани, оценуваат дека она што Република Македонија со години макотрпно го гради, Социјалдемократскиот Сојуз, велат, сака да го разгради и уништи, и да ја донесе државата во ситуација која ќе и донесе несогледливи последици, како на домашен така и на меѓународен план. Според нив, СДСМ како најголема опозициска партија треба проблемите да ги решава во Собранието на Република Македонија како највисок орган во државата.

– Политиката на закани и уцени е удирање по основните фундаменти на демократското општество која што најголема бенефиција ќе им донесе на непријателските структури кои работат на непризнавање и уништување на македонскиот национален идентитет, на уништување на македонскиот јазик, македонската култура на македонското постоење, стои во соопштението.

Воедно, се додава, дека лидерот на најголемата опозициска партија наместо своите легитимно избрани пратеници да ги внесе во светилиштето на демократијата, Собранието на Република Македонија, на најнедоличен начин со уцени и закани го уценува целиот легитимно избран државен врв, го уценува македонскиот народ, се оценува во соопштението.

– Таквото недржавничко однесување, таквиот манипулативен однос кон сопствениот народ, кон Владата која последните неколку години успеа Република Македонија да ја извлече од најтешката транзиција и да ја  донесе на врвот заедно со земјите со највисок економски раст, нема ништо добро да и донесат на нашата единствена татковина. Затоа ние иселениците од кралството Шведска апелираме до сите граѓани на Република Македонија да бидеме сплотени, да бидат единствени и да не потклекнуваат на сценариото од страна на Социјалдемократскиот Сојуз. Република Македонија е сé што имаме, се вели во реакцијата на иселениците од Шведска.

Реакции со осуда за осомничените за „Пуч“ и за, како што наведуваат, недемократкиот и подмолен чин за доаѓање на власт по цена на угледот и достоинството на Македонија, а во соработка со надворешни структури за дестабилизација на државата, вчера пристигнаа од Македонската добротворна организација од Мелбурн, Австралија, од Македонско – германското културно друштво ‘’Македонија” од Берлин, Македонското волонтерско здружение „Камени мост“ од Италија, како и од Македонците од Јужна Австарлија.

Соопштенија со осуда за „Пуч“ и оценка дека тоа е удар кон уставниот поредок и меѓународниот углед на државата  завчера пристигнаа и од редакцијата на Македонско-американскиот неделник, Здружението на граѓани „Македонски корени“ од Њу Џерси, од здружението „Обединети Македонци“ во Канада, од македонската заедница во Данска, од Македонското друштво „Илинден”, Здружението на Македонците во Австралија и во Викторија, Советот на децата бегалци од Егејска Македонија за Мелбурн и Викторија и од Здружението „Балкан“ со седиште во Местре, Венеција, Италија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top