Вистинско снежно невреме со силни ветрови и поплави беснеат на Балканот. Во Албанија власите евакуираа стотица граѓани од домовите поради поплавите кои ги предизвикаа поројните дождови во западниот дел од земјата. Ураганските ветрови предизвикаа прекин на струјата и лизгање на земјиштето, што ги принудија властите да затворат неколку патишта.
Енергетските компании соопштија дека засега нема опасност од прелевање на водните резервоари на клучните електроцентрали во регионот, кои произведуваат поголем дел од електричната енергија во земјата.
Снегот и поројните дождови кои врнат неколку дена во Косово, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, предизвикаа проблеми во транспортот и закана од поплави, а урагански ветрови во Грција и Турција го прекинаа поморскиот и воздушниот сообраќај.
Единаесетгодишно дете се удави во поплавите предизвикани од поројните дождови во Северно Косово. Поплавени се и села, се урна мост на реката Ибар во Косовска Митровица, а неколку села останаа без струја.
Во текот на ноќта реката Ибар се прелеа и поплави стотици хектари обработлива површина. На места дождот премина во снег, кој им попречи на спасувачките служби да пристигнат до некои изолирани села.
Во Црна Гора поројните дождови во текот на ноќта поплавија куќи во Подгорица, Даниловград и Никшиќ, а нивото на реките значително се зголеми, неколку мостови останаа под вода, а на места се формираа свлечишта.
Во цела Србија денеска врне снег, а снежната покривка на Копаоник е 82 сантиметри. Патните служби беа принудени да спасуваат затрупани автомобили од снегот.
Во Босна и Херцеговина се очекува снегот да запре денеска.
Движењето по патиштата беше отежнато во северниот дел на Романија, каде што има снежни врнежии виулици. Метеоролозите издадоа предупредување од жолта фаза за цела земја.
Топлиот ветер, што од почетокот на седмицата дуваше во хрватската област Далмација, во средата премина во бура и значително намалување на температурите. Дождот премина во снег на планините, а од синоќа и по јадранското крајбрежје.
Заради ураганскиот ветер утрово се откажани линиите на повеќе бродови и траекти во реонот на Истанбул. Силниот ветер нанел големи материјални штети, искорнати се дрва и однесени се покриви од зградите
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.