| четврток, 6 декември 2018 |

Уапсен скопски бизнисмен за измама тешка 143.000 евра

Финансиската полиција откри нова измама за ДДВ тешка 143.000 евра, пари што на осомничените им биле исплатени од државниот буџет во текот на 2009 година.

Кривична пријава за измама и за фалсификување или уништување деловни книги е поднесена за лицето Ќ.И. од Скопје, сопственик и управител на правниот субјект  „Боки груп“ од Скопје, а мозок на операцијата бил добро познатиот сметководител З.З. вработен во правниот субјект „Мак консалтинг Сузана“ д.0.0.е.л Скопје, кој ќе одговара за помагање и фалсификување или уништување деловни книги, информираат од Финансиската полиција.

Ќ.И.  во својство на сопственик и управител на правното лице, помогнат од второпријавениот З.З., свесно и со намера да се здобие со противправна имотна корист, употребиле фалсификувана ДДВ пријава во која прикажале невистинити податоци за влезниот промет, односно во истата евидентирани се фиктивни влезни фактури за наводно извршени набавки на стока и на услуги без да постои реален должничко-доверителски однос и соодветна документација кај снабдувачи, кои, наводно, ги испоставиле овие фактури. Фалсификуваните фактури не се евидентирани во нивните сметководни евиденции, ниту, пак, е извршено плаќање по нив, на кој начин пријавените ги измамиле односно ги довеле во заблуда службените лица на УЈП, кои ја вршеле контролата кај даночниот обврзник. Како резултат на добро организираната измама, двајцата пријавени успеале противзаконски и неосновано да извршат поврат на ДДВ при што директно го оштетиле Буџетот на Република Македонија за износ од 143.000 евра.

Финансиската полиција во соработка со Управата за јавни приходи против второпријавениот сметководител З.З пред неколку месеци веќе поднесе пријава за измама за ДДВ со други фирми во негова сопственост со кои успеа да инкасира повеќе од 750.000 евра од неоснован поврат на ДДВ. За ова кривично дело З.З заработи и мерка притвор, а целиот имот му беше замрзнат од страна на органите на прогонот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top