| четврток, 6 декември 2018 |

Патниот правец Кочани – Делчево затворен за сообраќај

 kocani bura

Патниот правец Кочани – Делчево е затворен за сообраќај поради големи одрони од карпи. Возилата, како што соопшти АМСМ, се пренасочуваат по патниот правец Кочани – Виница – Берово – Делчево.

На патниот правец Виница – Берово на 11. и на 12. километар на две места во должина од по 20 метри сообраќајот се одвива по една коловозна лента поради полава. На местата е поставена соодветна сигнализација од страна на ЈП Македонија пат.

На патниот правец Делчево – Македонска Каменица на 14. и на 27. километар во должина од 200 метри сообраќајот се одвива по една коловозна лента.

Забрана за движење на тешки товарни возила има на патниот правец крак Маврово – Дебар. За патничките возила се препорачува употреба на зимска опрема.

Поради оштетување на средниот столб на мостот на река Пчиња, на патниот правец Р2136 Ржаничино – Д. Коњаре има забрана за движење на тешки товарни возила над 7,5 тона и автобуси.

Забраната за движење поради лизгар кај с. Ратавица, на патот Киселица – Злетово во општина Пробиштип е сè уште во тек.

Поради надојдените води од реката Крива Лакавица во прекин се патните правци кон с. Степанци и с. Суво Грло.

Штетата на мостот на патниот правец Радовиш – Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично, по една коловозна лента.

Сообраќајот на сите други државни патишта се одвива без забрани, по влажни коловози и наместа остатоци од снег. Врнежи од слаб снег кој не се задржува на коловозот има во Охрид.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

Од ГЕИНГ известуваат дека за потребите за изработка на проектна документација за рехабилитација на државен пат А-3, делница Превалец (Кочани) – Делчево, од 12.1.2015 год. започнати се активности на патот, односно геодетско снимање и геотехнички истражни работи и истите се очекува да бидат со времетраење од 5 месеци (до 12.6.2015 год.). Работите се изведуваат во временски период од 6 до 19 часот.

На делот од патот од брана Маврово до раскрсницата за село Галичник продолжуваат градежните работи. Препорачуваме повнимателно возење поради присуство на механизација и работници, а при асфалтирање можни се повремени затворања на патот.

Поради изведување работи на пат (гребење на асфалт) на патниот правец Велес – Скопје (од Штипска клучка до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

На патниот правец А1 Гевгелија – Скопје од надвозникот кај клучка Велес до наплатната станица Отовица се изведуваат работи на мостовите, а сообраќајот по тие мостови се одвива по една сообраќајна лента.

Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа:

– од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово,
– и од с. Лозово преку с. Сарамзалино до клучка Кадрифаково.

Учесниците во сообраќајот треба да се придржуваат на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација се до завршување на градежните активности.

На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација.

На 19.12.2014 година стартува времениот сообраќаен режим на забрана за движење на товарни моторни возила,чија најголема дозволена маса надминува 15 тони, на подрачјето на Град Скопје. Забраната е од времен карактер и ќе се спроведува од 19.12.2014 година до 31.3.2015 година, во текот на денот и тоа од 8 часот до 20 часот.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

Потсетување за сите возачи на законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top