На средбата меѓу претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов со бугарскиот колега Росен Плевнелиев во Софија била разгледана актуелната состојба во билатералните односи, а било разговарано и за евроатлантските интеграциски процеси, како и за регионалната соработка.
Иванов, како што е наведено, ја реафирмирал определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи, како врвна стратешка цел, покрај евроатлантските интеграции и регионалната соработка.
– Понекогаш меѓу соседите се појавуваат разлики во однос на одредени прашања, но тие на никој начин не смее да влијаат негативно на севкупните односи и соработката. На разликите треба да им се пристапи со заемно почитување и да се надминуваат со дијалог, истакнал Иванов.
Бугарскиот претседател Плевнелиев се заблагодарил за присуството на Иванов во Софија, во моменти кога бугарскиот народ се збогува со првиот демократски избран претседател Жељу Желев, оценувајќи го како пријателски гест. Бугарија, според Плевнелиев, сака да биде најголемиот пријател и најголемиот поддржувач на Македонија. Тој се согласил дека на отворените прашања треба да се пристапи со взаемно разбирање и почит, и низ дијалог да се надминат недоразбирањата.
Претседателите на двете земји се договориле во наредниот период да се интензивираат контактите на сите нивоа. Двајцата соговорници изразиле очекување работните групи на министерствата за надворешни работи на двете земји да продолжат со работа во наредниот период, за усогласување на Договорот за добрососедство врз основа на принципиелниот став и размената на писма на двајцата претседатели – декларацијата од 1999 година да се трансформира во Договор за добрососедство.
Тие очекуваат дека со потпишувањето на договорот меѓу двете земји ќе се влезе во фаза на поинтензивна соработка за искористување на потенцијалите во повеќе сфери, економска, инфраструктурна, прекугранична, соработка во областа на културата, образованието и туризмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


