Црвена звезда ја забележи првата победа во фазата топ 16 во Евролигата во петтиот натпревар. Жртва на црвено-белите беше Алба Берлин тим кој го води Саша Обрадовиќ миленикот на делиите.
Во преполната сала „Пионир“ Звезда славеше со 86-69 сосема заслужено, и до крајот на оваа групна фаза грчевито ќе се бори за место што води во четвртфиналето.
Најдобриот играч на Звезда Маркус Вилијамс се врати во посакуваната форма, која ја најави на натпреварот против Будуќност во рамките од АБА-лигата. Одлично ги проигруваше своите соиграчи и уште во првите моменти во натпреварот се покажа дека домаќините ќе извојуваат лесна победа.
Во текот на првото полувреме водеа со 20 коша разлика, која ја одржаа до крајот на втората четвртина. Во второто полувреме играчите на Дејан Радониќ со одлична игра во одбраната не му дозволија на противникот да се доближи и да ја загрзи победата.
Најефикасен кај Црвена звезда беше Марјановиќ со 17 поени и 12 скока, додека Вилијамс имаше седум коша и десет асистенции. Во редовите на Алба Меклејн беше најефикасен со 14 поени, додека за тимот на Обрадовиќ не настапи македонскиот репрезентативец Војдан Стојановски.
Во дербито во петтото коло европскиот шампион Макаби на домашен терен славеше над Реал Мадрид, кој е еден од најсеризоните кандидати за освојување на тронот оваа сезона со 90-86.
Шесткратниот европски шампион Макаби победата ја оствари во второто полувреме кога успеа прво да ја анулира предноста на гостите, а потоа во финишот да дојде и до победата. Ова беше прв пораз на Реал Мадрид во оваа фаза од Евролигата, а сега Макаби се изедначи токму со Реал на првото место на табелата.
Ветеранот во редовите на Реал Мадрид Фелипе Рејес со својот ефект од 20 поени, 11 скока, стана рекордер во Евролигата по бројот на скокови и сега води на листата со 1.288 успешно фатени топки под обрачите. Скорцијанитис заедно со Хејнс беа лидери во својот тим со по 17 постигнати поени.
Резултати:
ЦСКА Москва – Нижни Новгород 103-95 (прод.), Макаби – Реал Мадрид 90-86, Лаборал Куча – Армани Милано 102-83, Анадолу Ефес – Олимпијакос 84-70, Црвена Звезда – Алба Берлин 86-69.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Критијано Роналдо синоќа израмни историски рекорд на Раул, Реал М. прв стигна до 6 000 гола во Примера
-
Продолжува мизеријата на Реал: „Кралевите“ елиминирани од Купот на Шпанија на сред „Бернабе“(видео)
-
Нов кикс на Реал Мадрид, Селта му извлече бод на фаворитот (видео)
-
Животната приказна на нашиот центар: Антиќ во центарот на вниманието на Евролигата (видео)