| четврток, 6 декември 2018 |

Повредени тројца пешаци

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на град Скопје од страна на сообраќајната полиција е извршен увид на вкупно девет сообраќајни незгоди.

Од нив, шест се последица материјална штета и една е со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобил еден пешак.

Се случиле и две незгоди со последица тешки телесни повреди во кои со тешки телесни повреди се здобиле двајца пешаци.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција се откриени и санкционирани тројца возачи, кои го управувале возилото под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, двајца возачи што не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, 26 возачи не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, четворица возачи што не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, како и 14 возачи што непрописно се престроиле пред крстосница, не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на изминатите 24 часа од страна на сообраќајната полиција се отстранети 50 возила, кои го спречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска со почеток во 13 часот и 30 минути Советот на родители од ОУ „Емин Дураку“ од Буковиќ ќе организира протест на излез од градот Скопје, поточно на ул. „Ѓорче Петров“ мост „Сарај“. Од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот по околните сообраќајници. Од сообраќајната полиција со апел граѓаните кои ќе патуваат према Тетово да ја користат обиколницата, како и магистралниот пат Долно Блаце.

Во сабота од 12 до 14 часот група граѓани на мостот во Драчево ќе одржат мирен протест. Од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот. Во 21 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во рамките на АБА-лигата ќе се одржи меѓународен кошаркарски натпревар меѓу КК МЗТ Аеродром и КК Партизан, Република Србија. Со цел нормално одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени мерки за сообраќајно обезбедување и физичко регулирање на сообраќајот.

Во недела со почеток во 12 часот во Паркот на новинарите Граѓанското здружение ќе одржи протестен марш против загадувањето на воздухот. Маршот ќе продолжи по бул. „Климент Охридски“, десно по ул. „Димитрија Чупоски“, лево по ул. „Васил Главинов“, во продолжение по бул. „ВМРО“, лево по ул. „Илинден“, лево по бул. „Климент Охридски“, десно по ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и сè до кружниот тек. Со цел нормално одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top