| четврток, 6 декември 2018 |

НБРМ: Засилена кредитната поддршка, девизните резерви на соодветно ниво

nbm

Банкарскиот сектор ја засили кредитната поддршка на економскиот пораст, девизните резерви останаа на соодветно ниво, а инфлациските притисоци се намалени, е заклучокот на Советот на НБРМ на денешната седница.

Како што информира НБРМ, како главен двигател на порастот останува извозниот сектор, што во најголема мера е одраз на искористеноста на новите извозни капацитети. Во општи рамки, инвестициската активност даде силен импулс, а приватната потрошувачка продолжи да расте поддржана од порастот на доходот што е на располагање, надополнет со зголемените кредитни текови од домашните банки распределени кај секторот „население“. Структурата на растежот во третиот квартал е поповолна, со поголем придонес на инвестициската за сметка на приватната потрошувачка.

Во рамки на надворешниот сектор, во третиот квартал од 2014 година, тековната и капиталната сметка забележаа суфицит од 120,4 милиони евра или 1,4 процент од БДП, што е малку подобра позиција на тековната сметка во однос на очекувањата, при подобро трговско салдо. Задолжувањето на државата на меѓународниот пазар беше главниот извор на девизните приливи, при што поволните услови беа искористени за обезбедување предвремено финансирање на идните буџетски потреби. Во согласност со последните податоци што се на располагање за четвртиот квартал на 2014 година, девизните резерви беа речиси непроменети на квартална основа, а нивната динамика беше нешто поповолна од предвидената во рамки на октомвриската проекција.

Во текот на последниот квартал, кредитната активност продолжи да се зголемува, при што придонесот на кредитирањето на корпоративниот сектор за вкупното кредитирање се зголеми во однос на просечниот придонес во првите три квартали. На крајот на декември, вкупните кредити беа повисоки на годишна основа за 10 отсто, при што прирастот на кредитите во 2014 година беше поголем во однос на истиот во претходната година за 1,6 пати.

Советот на Народната банка го разгледа најновиот Квартален извештај, при што е констатирано дека каматната стапка на аукциите на благајничките записи е задржана на 3,25 отсто. Одлуката основната каматна стапка да не се промени беше заснована врз последното преоценување на макроекономските проекции на НБРМ од октомври и на остварувањата кај клучните макроекономски и финансиски показатели, кои потврдија постоење амбиент на солиден домашен економски раст, којшто не создава нерамнотежи преку инфлациски притисоци или притисоци за намалување на девизните резерви.

На денешната седница, Советот на Народната банка го разгледа и Извештајот за работата на Комитетот за ревизија во периодот од мај 2013 до декември 2014 година.

Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Македонија. Меѓу другото, оваа одлука претставува техничко усогласување поради членството на Литванија во Европската монетарна унија, започнувајќи од 1 јануари 2015 година. Бидејќи домашната валута, литванскиот литас се замени со еврото, се наметна потребата да се изземе од официјалната курсна листа на Народната банка на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top