| четврток, 6 декември 2018 |

Фетел повторно со најдобро време

sebastijan_fetel

Актуелниот трократен светски шампион од тимот на Ред Бул го постави најдоброто време на двата слободни тренинга кои денеска се возеа во Мелбурн.

Новата Формула 1 сезона стартува во недела со Големата награда на Австралија во Мелбурн, каде ќе почне походот на останатите возачи по тронот кој веќе три години е во сопственост на Себастијан Фетел.

Трон од кој Германецот нема така лесно да се откаже ако се суди веќе по првите два слободни тренинга во Мелбурн, на кои Фетел го постави најдоброто време.

Возачот на Ред Бул во вториот тренинг го постави апсолутно најдоброто време на денот со своите 1:25.908 минути, а веднаш зад него заврши тимскиот колега Марк Вебер со заостаток од две десетинки. Претходно Фетел го имаше најдоброто време и на првиот слободен тренинг, пред Фелипе Маса од Ферари.

Во проблеми на првиот ден во Мелбурн беше Мерцедес, чии двајца возачи рано се откажаа во текот на вториот тренинг. Луис Хамилтон заврши покрај патеката откако излета од неа, а на Нико Розберг му откажа менувачот. Сепак, за утеха на Розберг може да му послужи тоа што го имаше третото најдобро време на вториот тренинг.

Уште полош прв ден имаше тимот на Мекларен, кој само во првиот тренинг успеа да има време меѓу првите десет со деветото најдобро време на Џенсон Батон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top