Првите резултати од испитувањата на вакцината против ебола врз луѓето покажуваат дека таа е безбедна. Ваквите вести пристигнаа од британски научници, кои се вклучени во изработката на експерименталната вакцина против ебола.
Испитувањето на вакцината од фирмата „ГлаксоСмитКлајн“ (ГСК) врз луѓето покажува дека таа е безбедна и создава имунолошка заштита на организмот од вирусот на ебола. Научниците, сепак, наведуваат дека се потребни многу пообемни експерименти врз луѓето за да може подоверливо да се тврди дека вакцината заштитува.
Првите дози од оваа вакцина пристигнаа во Либерија минатата недела, а во следниот период ќе се спроведат први тестирања во поголеми размери. Здравствените работници кои помагаат во негувањето на заразените ќе бидат меѓу првите кои ќе се вакцинираат.
Истражувачите се надеваат дека ќе успеат да ја тестираат вакцината врз 30.000 луѓе.
Вакцината која во 2013 година ја откупи ГСК, а која заедно ја создадоа Националниот здравствен институт на САД и компанијата „Окаирос“, која се занимава со биотехнологија, моментно се тестира на пет локации, а во тестирањето на првата фаза во Велика Британија, Швајцарија и Мали учествуваат околу 200 здравствени волонтери.
Истовремено со ваквата најава, ОН денеска предупредија дека епидемијата на смртоносниот вирус не е спречена иако се намалува бројот на заразените од ебола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.