| четврток, 6 декември 2018 |

Упорноста го победи хендикепот, Бјелецки игра без око, Чупиќ погодува и без прст на раката

Приказните на Карол Бјелецки и на Иван Чупиќ се ракометни бајки за упорноста, за спортскиот дух, за голема битка да се остане на теренот и да се биде врвен спортист и покрај огромниот хендикеп. Физички недостаток имаат и двајцата, а секако многу посериозен е тој на полскиот див Бјелецки, кој остана без левото око за време на пријателскиот дуел со Хрватска на 11 јуни 2010 година.

Без намера во еден дуел со Јосип Валчиќ, Бјелецки доживеа тешка повреда, а докторите подоцна не успеаја да му го спасат видот на левото око.

Handball: Rhein-Neckar Loewen Saison 2010/2011, 20.07.2010

 
Денеска 202 сантиметри високиот лев бек ќе игра повторно против Хрватска со полскиот национален дрес на себе, во четвртфиналната пресметка на Светското првенство во Катар. Од 16,30 часот против себе ќе го нема Јосип Валчиќ ракометар кој му го изби окото во дуел. Валчиќ требаше да биде во составот на Хрватите, но се повреди непосредно пред стартот на мундијалот.

Главен адут на „коцкестите“ повторно ќе биде десното крило Иван Чупиќ, досега најдобриот стрелец на шампионатот. И тој има физички хендикеп кој не е наследен, туку му се случи во текот на ракометната кариера, но не на терен.

London Olympics Handball Men

 
На подготовките на хрватската репрезентација пред почетокот на Летните олимписки Игри во Пекинг, на Чупиќ му се случи бизарен инцидент во кој го загуби четвртиот прст од левата рака. Оној што служи за венчалниот прстен и што Чупиќ го загуби во јули 2008 година, откако прстот му се закачи за ограда. Загубен е дел од него, ракометарот ги пропушти Игрите во Пекинг, но за среќа ја продолжи кариерата. И игра извонредно, иако токму во таа рака со четири прсти ја држи топката. Се привикна да игра со физички хендикеп и е едно од најдобрите десни крила на светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top