Координативното тело за справување со кризи на попладневната седница ги утврдило критичните точки во земјава кои би можеле да бидат загрозени по најавите дека во петок попладне и во сабота се очекуваат нови врнежи од дожд. Најзагрозени се деловите во југоисточниот регион и оние по теченијата на Вардар, Црна Река, Брегалница и Пчиња. Утврдени се и мерки што треба да ги преземат единиците за локална самоуправа. Доколку тие имаат потреба од помош и поддршка треба да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување.
– Градоначалниците треба да ги стават на готовс сите расположливи ресурси, да ги активираат своите кризни штабови и итно во текот на утрешниот ден да свикаат координативни состаноци на кои ќе ги повикаат и претставниците на МВР и претставниците на ДЗС. Градоначалниците потоа да ги информираат сите месни заедници и населени места за критичните точки и предложените мерки што утре ќе се усвојат. Сите предложени мерки да се достават до ДЗС, рече по завршувањето на состанокот на координативното тело министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Додаде дека доколку градоначалниците увидат дека им е потребна дополнителна помош од технички ресурси да достават барање до ДЗС. ОД ЦУК се бара континуирано да го следи водостојот на реките и благовремено да ги информира општините, а единиците на локалната самоуправа и Македонија пат интервентно да реагираат на мостовите каде има опасност од задржување на големи наноси, дрвја. Сите граѓани кои сметаат дека се загрозени треба да се обратат на бесплатниот број 195 во Центарот за управување со кризи.
Јанакиески појасни дека Македонија пат и ЕВН веќе воведуваат дежурства за да можат веднаш да интервенираат доколку настане проблем или оштетување на патен правец или на електрична мрежа.
Покрај најавите за нови врнежи, дополнителен проблем се и најавите за силен јужен ветер кој може да предизвика топење на снеговите, што би ги зголемило количините на вода по течението на реките.
Сите предложени мерки, рече тој, треба да овозможат превенција и што помал број куќи, објекти и земјиште да биде поплавено.
Нјави дека координативното тело ќе заседава и наредните денови со цел да се координираат сите активности и мерки кои треба да се преземат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.