| четврток, 6 декември 2018 |

„Фејсбук“ негира дека бил цел на хакерски напад

Социјалната мрежа „Фејсбук“, која изутринава беше недостапна во период од 50 минути, ги негираше тврдењата дека била цел на хакерски напад.

– Голем број луѓе имаа проблеми да влезат на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“. Тоа не е поради напад од трета страна, туку станува збор за надградба на нашите конфигурациски системи – објави компанијата.

Хакерската група „Лизард сквод“ претходно презеде одговорност за уривањето на популарните социјални мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“, чии корисници низ светот изутринава не можеа да пристапат до своите профили во период од најмалку 40 минути.

Веб-сајтот „Раша тудеј“ наведува дека зад нападот на социјалните мрежи стојат хакерите од групата „Лизард сквод“, кои се поврзани со терористичката група Исламска држава. Хакерите од оваа група вчера извршија кибернетски напад и врз веб-сајтот на малезиската авиокомпанја „Малејжа ерлајнс“.

Хакерската група „Лизард сквод“ објави на „Твитер“ нејасна порака: Фејсбук, Инстаграм, Тиндер, ЕјАјЕм, Хипчат #офлајн #Лизард сквод.

Корисниците на „Фејсбук“ на веб-сајтот можеа да прочитаат: „Извинете, нешто не е во ред. Работиме на тоа и ќе го отстраниме проблемот, што е можно побрзо“, додека „Инстаграм“ на „Твитер“ објави дека се запознаени со проблемот и дека работат на неговото решавање.

„Фејсбук“ има околу 1,25 милијарда, додека „Инстаграм“ околу 300 милиони корисници во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top